Македонија и Србија потпишаа меморандум за соработка во областа на дигитализацијата

Макфакс

19/07/2019

14:09

231

Големина на фонт

а а а

Министерството за информатичко општество и администрација и Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа во Владата на Република Србија денеска потпишаа меморандум за соработка во областа на дигитализацијата.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се осврна на важноста од дигиталната трансформација за подобрување на животот на сите граѓани, преку едноставни алатки за пристап до услугите коишто им се потребни.

„Заложбите на Владата за транспарентност, ефикасност при испорака на услугите и отчетност во работењето на институциите се причина поради којашто донесовме одлука дека е неопходно менување на веб страните на Владата и сите министерства. На овој начин ја реализираме и мерката на којашто сме се обврзале во Стратегијата за реформа на јавната администрација, а тоа е подобрена достапност на институциите за сите граѓани“, истакна министерот Манчевски.

Како што рече тој, веб страните на институциите се со застарен дизајнерски пристап, се фокусираат само кон вести и соопштенија и не се сервисно ориентирани, односно нудат многу малку услуги за граѓаните. Најчесто не исполнуваат задоволителни стандарди за безбедност, не се пристапни за луѓе со попреченост и не дозволуваат унапредување и посериозно редизајнирање.

Целта што треба да се постигне е новите веб страни да бидат сервисно ориентирани и насочени кон информирање на граѓаните за работата на институциите, но и за зголемување на транспарентноста преку активно објавување на стратешки документи и информации од јавен карактер. Тоа значи дека веб страните ќе бидат место каде граѓаните првенствено нема да се информираат за активностите на министрите, како што е тоа случај сега, туку ќе ги добиваат потребните информации за услугите коишто им се потребни.

„Во овој процес наидовме на поддршка од Република Србија, односно од Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа, коишто поминуваат низ сличен процес на трансформација на веб страните. Меморандумот за соработка којшто денеска го потпишуваме има за цел размена на знаење и презентација на нивниот концепт. Крајна цел е преку учење од нивното искуство да создадеме веб страни коишто целосно ќе одговараат на потребите на нашите граѓани“, информираше министерот Манчевски.

Директорот на Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа, Михаило Јовановиќ изјави:

„Размената на знаења, идеи и искуства, но и регионалното поврзување и овозможувањето на електронските услуги внатре во регионот е од непроценливо значење за понатамошниот развој на Западен Балкан. Во екот на четвртата индустриска револуција, целокупниот регион има можност, ако сме паметни, разумни и посветени, да го надокнадиме пропуштеното и базирајќи се на иновациите, знаењето и примената на новите технологии, да создаваме подобра иднина“.

Јовановиќ додаде дека Меморандумот за соработка на двете земји во областа на дигиталната трансформација, којшто беше потпишан денеска, е како резултат на добрата соработка меѓу премиерите на Србија и на Северна Македонија, Ана Брнабиќ и Зоран Заев од една страна и видливите резултати на Владата на Србија на полето на дигитализација на јавната управа и покренувањето на проектот „Србија дигитализира“, од друга страна.



Спонзорирани линкови

Маркетинг