Научниците го потврдија очекуваното: Ова беше најтоплиот јуни во историјата!

Точка

19/07/2019

16:47

1.987

Големина на фонт

а а а

Податоците кои вчера ги објавија американските научници за јуни го покажуваат тоа што луѓето во Европа, делови од Африка и Јужна Америка веќе го знаат – температурите за овој месец се рекордни.

Месецот јуни оваа година е најтоплиот месец во последните 140 години колку што се мерат и бележат температурите, покажува анализата на Националната управа за океани и атмосфера “NOAA” на САД. Претходниот рекорд го држеше јуни 2016-та година.

Мерењето за јуни покажува дека станува збор за 414-тиот месец по ред и 43-ти месец јуни по ред во кој просечната глобална температура е над просекот според базата на податоци на американската Национална управа за океани и атмосфера.


Податоците покажуваат дека континуираниот тренд на загревање би можел да ја постави целата 2019-та година на местото на една од најтоплите години од 1880-тите години од кога се врши мерењето.

Глобалниот климатски извештај на “NOAA” за јуни покажува дека температурите на тлото и океаните се за 0,95 Целзиусови степени над просекот за 20-тиот век од 15,5 Целзиусови степени.


Рекордно високи температури во текот на јуни 2019-та година беа забележани во делови од централна и источна Европа, Северна Русија, Азија, Африка, Јужна Америка и на делови од Индискиот, Тихиот и Атлантскиот океан, открива американската Национална управа за океани и атмосфера.

Извештајот на “NOAA” за јуни 2019-та исто така го проценува и нивото на арктички мраз. Имено, во тој месец е забележано второто најниско ниво на мраз во јуни во последните 41 година, односно 10% под просекот за периодот од 1981-ва до 2010-та година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг