Легендарниот тренер на Ѓоковиќ за почетоците на Србинот: Сите му се смееја кога кажа…

Дерби

16/07/2019

11:27

905

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ во неделата оствари еден од најголемите успеси во својата кариера, бидејќи успеа да добие драматичен меч против миленикот на публиката во Лондон, фантастичниот Рожер Федерер.

Светскиот рекет број еден спаси две меч топки на сервис на противникот при резултат 8:7 во петтиот сет и потоа во специјалниот тајбрејк стигна до незаборавна победа, успех со кој Србинот стигна до својата петта титула на Вимблдон, односно 16-ти грен слем трофеј во кариерата.

Како што одминува времето, се поголеми се шансите за Новак да го достигне Федерер на вечната листа на освоени грен слем трофеи, а откако го доби мечот на двајцата тениски титани кој ја воодушеви цела јавност, се јави и еден од првите тренери на Ѓоковиќ. Легендарниот хрватски тренер Никола Пилиќ е воодушевен од триумфот на Ноле, а во своето обраќање за „Индекс“, говореше со огромен респект за двајцата шампиони, при што откри и каков бил Ѓоковиќ како млад тенисер.

– Ова беше величествено. Жал ми е што некој мораше да изгуби, ако постои меч на кој треба да има два победника, ова беше тој. На теренот беа луѓе кои играат тенис најдобро на светот. Се изнагледав тениски мечеви во кариерата, но овој беше најдобар. Ако можам нешто да забележам, тоа е дека Новак слабо сервираше, но затоа од основната линија беше фантастичен. Федерер мислам дека никогаш не играл подобар бекхенд, беше преубав меч. Јас навивав за Новак, но имам огромен респект за Федерер. Ако Ѓоковиќ го стигне по освоени грен слем титули, може да кажеме дека ќе биде најдобар во историјата. Сепак, не сакам да кажам ништо друго за да не повредам некој од тројцата, – вели претпазливиот Пилиќ во интервјуто за „Индекс“ и додава.

– Ѓоковиќ беше во мојата академија од 13 до 17 години, немав идеја дека може да стане вака врвен играч, а не па број еден. На таа возраст, никој не може ништо да предвиди. Беше добро дете, а уште од стартот ме фасцинираше со својот карактер кој го има и денеска. Страшно многу работевме, кога дојде, не знаеше да игра сервис-волеј. Најважно беше што имаше неизмерна желба за учење. Кога наполни 15 години, знаев дека ќе биде вистински играч. Не мислев дека ќе биде број еден или број три, но бев сигурен дека ќе стане професионалец. Еднаш, додека беше млад, рече дека сака да биде најдобар во светот. Сите му се смееја, но јас не се смеев. Не можам да кажам дали верував во тоа што го кажа, но го оставив да сонува, – открива Хрватот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг