Невремето нанесе големи штети на овошките и дрвјата во Преспа

Макфакс

11/07/2019

17:19

1.255

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за земјоделство, Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, денеска ги посетија населените места во Преспанскиот регион што беа погодени од вчерашното невреме.

Како што информираат од владината прес-служба, министрите посочиле дека владините и локалните служби од вчера вечерта работат на расчистување на теренот.

Спасовски изјави дека веднаш се преземени мерки за да се заштитат животите на луѓето и активирани се сите владини и локални служби со цел побрзо да се санира состојбата.

„Владата ќе ги ангажира сите можни капацитети, од една страна да се проценат штетите дали се тоа на земјоделски производи или објекти, да видиме колкава е штетата, и од друга страна што побрзо да се санираат штетите. Веќе стапивме во контакт со ЕВН за да можат да се оспособи и мрежата, за електрична енергија да добијат местата каде што поради невремето нема струја, а со тоа и голем дел од населените места да имаат чиста вода за пиење. Ќе се работи интензивно, треба време за да ги санираме состојбите, но државата е целосно на располагање заедно со локалната самоуправа, и граѓаните од преспанскиот регион треба да бидат спокојни, ќе направиме се за да ја санираме состојбата и дa се проценат материјалните штетите од невремето“, изјави Спасовски.

Министерот Димковски потенцираше дека невремето предизвикало големи штети врз земјоделските површини во преспанскиот регион, конкретно кај овошните насади, додавајќи дека министерството веќе работи на мерки преку Програмата за рурален развој за заштита од временски непогоди, како што е авионското засејување на облаците.

„Не само што плодот е уништен, од силното невреме и самите дрвја на овошките се уништени. Ние сме постојна координација со градоначалникот, екипите ќе извршат проценка на штетите. Освен што ќе се прави проценка на принос, односно колкава е штетат на овошките, јаболката, ќе се прави и проценка на основни средства односно колкави се штетите на самите дрвја, и се тоа ќе влезе во елаборатите кои ќе се достават до владина комисија и потоа ќе се види колкава е проценката“, рече Димковски.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, од невремето проследено со многу силен ветер и дожд кое вчера вечер го зафати реонот на Долна Преспа, општина Ресен, најпогодени се селата Крани, Долно Дупени, Љубојно, Наколец, Стење, Претор и Штрбово.

Оштетени се покриви, автомобили, од паднати дрвја во авто-кампот „Крани“ оштетени се камп- приколки, паднатите дрвја ги препречиле некои од локалните патни правци, а има и штети на овоштарници и други култури. Невремето предизвикало и оштетување и на електричната мрежа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг