Ситуацијата не се смирува: Иран остро реагираше - Американците ја презираат дипломатијата и сакаат војна

Точка

25/06/2019

09:30

6.225

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп е „100% во право кога вели дека на американската војска не ѝ е местото во Персискиот залив“, изјаи иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф.

Шефот на иранската дипломатија синоќа реагираше на најновите санкции кои САД ги воведоа против Иран после соборувањето на американското беспилотно летало, истакнувајќи дека САД ја презираат дипломатијата и се гладни за војна.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја потпиша извршната наредба за воведување на нови санкции на Иран кои се насочени директно против иранскиот врховен лидер Али Хамнеи и други ирански функционери, како одговор за рушењето на дронот.

После најновите санкции од страна на САД, реагираше иранскиот министер за надворешни работи кој порача дека се согласува со Трамп околу тоа дека „на американската војска не ѝ е местото во Персискиот залив“.


„Повлекувањето на нивните сили совршено ќе одговара на интересите на САД и целиот свет“, порача Зариф на социјалната мрежа Твитер.

Трамп вчера исто така ги повика земјите кои извезуваат нафта „да ги заштитат своите бродови“ после низата на инциденти во Персискиот залив и Хормушкиот теснец во кои неколку танкери беа торпедирани, нешто за што Вашингтон го вперува прстот во Иран.

„91% од кинескиот увоз на нафта минува низ Хормушкиот теснец и 62% од јапонскиот. Во еднаква ситуација се и другите земји“, твитна Трамп и запраша „Зошто со години САД ги заштитува тие патишта без да добие некаква надомест за тоа“. Според американскиот претседател, сите тие земји би требало да ги заштитат своите бродови во тој отсекогаш опасен премин.


Зариф од друга страна сега порача дека „бандата на Болтон“ не води сметка за американските интереси и порача дека тие ја презираат дипломатијата и се гладни за војна.

Шефот на иранската дипломатија го употреби изразот “B Team” за групата која спроед него е составена од американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху, саудискиот престолонаследник Мохамед Бин Салман и неговиот колега од Абу Даби, Мохамад Бин Зајед, кои имаат „тврди линии“ против Иран и го убедуваат Трамп да делува против Техеран.



Спонзорирани линкови

Маркетинг