Јанушев: Пред да дојде на власт Заев ветуваше дека нема да спроведе двојазичност

Макфакс

17/01/2019

16:49

668

Големина на фонт

а а а

Зоран Заев е човекот што пред да дојде на власт ветуваше дека нема да спроведе двојазичност. Како пример наведуваше градови како Струмица, Радовиш, Кавадарци, каде што нема граѓани што зборуваат албански, за сега кога стана премиер да спроведе целосна двојазичност, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека Заев, кога седнал на премиерската фотелја, спровел сè што велел дека нема.

„Уште една потврда за тоа вчера дојде од владата чиј портпарол соопшти дека Албанци мора да бидат вработени во сите институции вклучувајќи и општини како Радовиш, каде што нема граѓани што го зборуваат овој јазик. Зоран Заев нема повеќе легитимитет за ништо. Зоран Заев мора да си замине, а за тоа потребни се предвремени парламентарни избори“, рече Јанушев.

Тој додаде дека поминале 6 дена откако ВМРО-ДПМНЕ повикала за итно распуштање на Собранието и организирање предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во април, а власта, како што рече, бега и се крие зад празни флоскули.

„Господине Заев, покажете барем малку храброст и распишете предвремени парламентарни избори. Доколку Собранието се распушти на 21 јануари, има доволно време до крајот на април да се исполнат сите услови во согласност со пржинскиот модел и да се спроведат фер избори. Граѓаните на избори не ви дадоа легитимитет ниту за промена на името, ниту за двојазичноста, ниту за какви било промени во Уставот“, рече Јанушев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг