Рускиот обид за ширење на влијанието во Африка го фати Западот неподготвен

Макфакс

12/09/2018

18:21

1.247

Големина на фонт

а а а

Русија френетично презема нови обиди за зголемување на своето влијание во Африка преку зајакнување на воената соработка и преку склучување договори за продажба на оружје со африканските држави, тврди британски „Гардијан“.

Последен во оваа низата обиди е договорот за изградба на руска логистичка база на брегот на Црвеното Море во Еритреја постигнат на почетокот на септември кога руски владини претставници со месеци крстосуваа од Африканскиот Рог до Големите Езера и Јужна Африка.

Брзината со која Русија ја спроведува новата стратегија предизвика загриженост за почитувањето на човековите права и стравување за безбедноста поради продажба на оружје на режими кои се слаби или се вклучени во конфликт, особено откако од САД дојде најава дека Вашингтон планира да ги повлече своите војници и да ги затвори мисиите во африканските земји.

„Гардијан“ посочува дека фокусот врз зајакнатата активност на Москва во Африка се зголемил по убиството на тројцата руски новинари во Централноафриканската Република (ЦАР) минатиот месец додека ги истражувале активностите на контроверзната руска фирма за воени услуги „Вагнер“. Аналитичарите наведуваат дека активностите на Москва се интензивирале годинава, при што високи руски претставници претстојувале во повеќе африкански држави нудејќи им договори за продажба на оружје и за воени услуги често придружувани со некакви погодности како дипломатска поддршка или потенцијално рентабилни договори за експлоатација на руди.

„Вознемиреност предизвикува не само испораката на оружје и распоредувањето војници, туку и фактот дека Русија се постави во улога на посредник меѓу владата на ЦАР и воружените бунтовнички групи на преговорите во Судан. Со тоа се поткопа посредничката улога на африканската унија, а Русија ја користи ваквата позиција за да добие пристап до рудниците за дијаманти и злато во областите под контрола на бунтовниците, пишува „Гардијан“.

Високи руски претставници, меѓу кои и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, и претседателката на Горниот дом на парламентот на Русија, Валентина Матијенко, биле вклучени во процесите за постигнувањето договори за воена соработка.

„Во текот на март Лавров ги посети Ангола, Намилија, Мозамбик, Етиопија и Зимбабве, каде што потпиша серија договори за отворање економски зони, искористување на минералните ресурси и за воено-техничка соработка. Во јули директорот на руската Федерална служба за воено-техничка соработка, Дмитриј Шугаев, за време на самитот на БРИКС објави дека е потпишам меморандум за разбирање за воена соработка, вклучително и за обуки, со Заедницата за развој на државите од Јужна Африка, наведува „Гардијан“, додавајќи дека зголемениот интерес на Русија за Африка го фатил Западот неподготвен за ваквиот руски пристап.



Спонзорирани линкови

Маркетинг