ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да престане да ги злоупотребува евроатлантските институции за да го оправда Договорот со Грција

Макфакс

12/09/2018

10:59

1.059

Големина на фонт

а а а

СДСМ предреферендумски ги манипулира граѓаните исто како што ги излажа пред изборите, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до медиумите.

Од партијата велат дека билбордите низ државата кои ветуваат бесплатно здравство кога ќе влеземе во ЕУ се лага.

„Во ЕУ здравството не е бесплатно, ЕУ не е комунистичка творевина, туку економски сојуз на држави каде се си има своја цена. СДСМ лаже и ја злоупотребува ЕУ, го погани нејзиното име за да ја оправда срамната капитулација која ја потпиша. Владата на Заев ја понижи Република Македонија и ги урна преговарачките позиции кои беа градени со години од сите влади од независноста до денес. Погазено е и меѓународното право и Хашката пресуда во корист на Република Македонија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ, се додава во партиското соопштение е за влез во ЕУ и НАТО, но не и за договорот со Грција, кој, како што велат не можат да го прифатат.

„Овој договор предизвикува само обврски и прави штета на Република Македонија и затоа ВМРО-ДПМНЕ неможе да го прифати. Прашањето за промена на името не е прашање кое може да го реши било кој политичар, тоа е прашање за кое може да одлучи единствено народот, токму затоа на слободната волја на народот е како тој ќе се постави во однос на ова прашање“, додаваат од партијата во соопштението.



Спонзорирани линкови

Маркетинг