Уште една сила влегува во војна? Ако се случи нов хемиски напад, во судирот во Сирија можеби ќе се вклучи нов моќен играч

Точка

11/09/2018

20:15

7.863

Големина на фонт

а а а

Германскиот Бундесвер во борба против владините трупи во Сирија? Тоа е тешко да се претпостави, но изгледа дека за тоа на големо се разговара меѓу експертите на германското Министерство за одбрана. И тоа во случај бунтовниците во Идлиб да бидат нападнати со бојни отрови.

Експертите сметаат дека веројатно би можело да се случи и многу брзо. Со тоа би биле погодени три милиони луѓе. Ако ситуацијата се заостри, тоа во бекство ќе натера многу луѓе. Многумина ќе умрат. Сите досегашни дипломатски напори ситуацијата да се смири - пропаѓаат. 

"Во контакт со партнерите"

Како што пишуваат медиумите во Германија, германската влада веќе водела разговори со сојузниците во Вашингтон, Париз и Лондон за нејзиното можно учество. Дека се разговарало за тоа потврдил и портпаролот на владата во Берлин, Штефен Зајберт.

"Секако дека Германија е во контакт со партнерите и сојузниците, бидејќи голема е загриженоста во поглед на ситуацијата во Идлиб поради тоа што би можело да се повтори тоа што е веќе видено во другите воени центри во Сирија".

А тоа би можело и самата Германија да ја доведе во сосема нова ситуација. САД, Франција и Велика Британија во април на нападите со хемиско оружје одговориле со воздушни напади. Германија тогаш не учествувала во тие напади, а од Берлин било соопштено дека тоа од нив не го побарал никој. А и да го побарал, се поставува прашањето дали е тоа уставно-правно возможно за Германија.

Либералите отворени, Левицата против

Таблоидот "Bild" пишува дека германските авиони од типот "Торнадо" би можеле да бидат дадени на користење. Германија досега во воените интервенции во Сирија користела извиднички авиони "Торнадо", само кога станува збор целите поврзани со терористите на ИСИС. Пошироки акции, како напади на цели на сириската армија, би барале согласност во германскиот парламент. А позитивен одговор во парламентот е се, само не сигурен.

Внимателна согласност искажал шефот на Либералите, Кристијан Линднер. "Употребата на оружје за масовно уништување, бојни отрови, се злосторство против човештвото кое мора да се казни. Тоа мора да го направи меѓународната заедница. Ако пак меѓународната заедница донесе таква одлука, тогаш Германија може да учествува", рекол Линдер. Но, веднаш и се оградил: ситуацијата во Бундесверот, но и неговата традиција, речиси не дозволуваат учество во офанзива.

Во име на партијата Левица, категоричен бил шефот на нивната партеничка група Дитмар Барч: "Сметам дека и моменталната германска поддршка е погрешна".

Во сите министерства кои би биле вклучени во оваа офанзива се искажува воздржаност. Сојузната влада тешко дека може да си дозволи уште еден спор, со оглед на огромниот судир во врска во азилантската политика, но и поради тоа што интерно е под голем притисок. На приказните за германското учество, претседателка на СПД, Андреа Налес, кажала гласно "не". Не ни е потребно уште и нешто такво, практично можело да се прочита на лицата на претставниците на владата овој понеделник.




Спонзорирани линкови

Маркетинг