Новинари на „Ројтерс“ осудени на седум години затвор во Мјанмар

Макфакс

03/09/2018

11:25

977

Големина на фонт

а а а

Судот во Мјанмар осуди двајца новинари на „Ројтерс“ на седум години затворска казна за нелегално поседување официјални документи и издавање државна тајна во текот на истрагата за масакрот на тамошната војска над муслиманското малцинство Рохинџи.

Ва Лон (32) и Кјав Сое О (28) известувале за бруталниот однос на војската кон припадниците на муслиманското малцинство Рохинџи кога биле уапсени и обвинети за кршење на Законот за официјална тајна за што е предвидена казна затвор до 14 години. Тие се изјасниле дека се невини и дека полицијата ги наместила доказите притив нив. Новинарите беа уапсени на 12 декември лани.

„Денеска е тажен ден за Мјанмар, за новинарите на ‘Ројтерс’ Ва Лон и Кјав Соe О и за медиумите во светот“, рекол главниот уредник на „Ројтерс“, Стивен Адлер. Тој додал дека овие двајца извонредни новинари поминале девет месеци во затвор под лажни обвиненија со цел да се замолчи печатот и да се заплашат медиумите. Адлер рекол дека им е одземена слободата иако нема никакви докази против нив, а дека има многу докази дека полицијата ги наместила новинарите.

Случајот предизвика внимание во светот како пример за одолговлекување на демократските реформи во изолираниот Мјанмар под цивилната влада на добитничката на Нобеловата награда за мир Ауг Сан Ќи, која ја презеде власта во 2016 година.

Двајцата осудени новинари лани известуваа за бруталниот однос на безбедносните сили кон Рохинџите во државата Ракин во Мјанмар. Околу 700 000 Рохинџи избегаа во соседен Бангладеш за да го избегнат насилството против нив кое следуваше како одмазда кога милитантите од Рохинџите убија десетина припадници на безбедносните сили.



Спонзорирани линкови

Маркетинг