Обама и Буш му оддадоа почит на Мекејн, Трамп денот го минал во својот голф-клуб

Макфакс

02/09/2018

11:39

1.546

Големина на фонт

а а а

Републиканци и демократи, како и поранешни претседатели на САД во саботата во Вашингтон се простија од американскиот сенатор и ветеран од Виетнамската војна, Џон Мекејн, кој почина минатиот викенд, на возраст од 82 години. На погребот не беше поканет актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.

„Америка во која веруваше Џон Мекејн не треба повторно да се прави голема, затоа што Америка отсекогаш била голема“, рече во емотивното обраќање во Националната катедрала во Вашингтон, Меган Мекејн, ќерка на починатиот републикански сенатор, со тоа отфрлајќи го слоганот од претседателската кампања на Трамп, „Повторно да ја направиме Америка голема“.

Трамп, кој предизвика контроверзии со своите постапки во врска со оддавањето почит на починатиот Мекејн, со кого долго беше во политички спор, вчерашниот ден го минал во својот голф-клуб во Вирџинија. Трамп првично неделава одби да издаде наредба да се спуштат знамињата на половина копје, а во 2015 година, во рамки на политичката расправа, рече дека Мекејн не е воен херој, бидејќи бил заробен, а, како што кажа тогаш, на него му се допаѓаат луѓе кои не се заробени.

Инаку, Трамп избегнувал да служи војска за време на Виетнамската војна.

Од Мекејн во саботата се простија и поранешните претседатели, демократот Барак Обама и републиканецот Џорџ Буш, како и членови на двете партии, кои во време на длабоки политички поделби во САД, во текот на комеморацијата стоеја веднаш до сандакот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг