Адвокатот на уапсената Русинка: Не е случајно што Марија е обвинета токму пред средбата на Трамп и Путин

Точка

21/07/2018

16:31

2.947

Големина на фонт

а а а

Не е случајно што руската државјанка Марија Бутина била уапсена во САД токму пред самитот на рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Доналд Трамп, вели нејзиниот адвокат Роберт Нил Дрискол.

Бутина е уапсена на 15. јули попладне, а американското Министерство за правда соопштило за нејзиното апсење следниот ден, кога Путин и Трамп разговарале во Хелсинки. 

"Не мислам дека е случајно. Не знам каков бил тајмингот, ,но знам дека образложението кое Министерството го дало пред судот нема никаква смисла", рекол Дрискол, пренесува "Tass".

Како што навел адвокатот на Бутина, американското Министерство за правда во образложението за нејзиното апсење навело дека мислеле дека таа се подготвува за на пат бидејќи се пакувала.

"Меѓутоа, Владата добро знае, бидејќи јас тоа им го кажав кон крајот на јуни, дека таа се сели во Јужна Дакота, каде планира да живее со своето момче", рекол Дрискол.

Тој наведува дека Бутина планирала да остане во САД, и дека не купила авионска карта ниту се обидела да побегне од земјата.

"Тие тврдат дека таа пренела пари во Русија, но тоа било обична уплата на кредитна картичка", рекол Дрискол.

Како што објаснува, нејзината кредитна картичка ја издала руска банка, а таа отишла во банката за да плати преку картичката.

Руската агенција наведува дека станува збор за износ од 3.500 долари.

"Тоа се причините кои ги изнесоа. Можеби не сакале да ја следат во Јужна Дакота, бидејќи таму е помалку интересно отколку низ Вашингтон и околината. Но, тоа не е голема причина некој да се стави во затвор", истакнал адвокатот на уапсената Русинка.

Тој потврдил дека нејзиното момче, Пол Ериксон, е политички консултант во Републиканската партија.

29-годишната Марија Бутина, активистка за права за поседување на оружје, се соочува со обвинение за заговор и спроведување активности во интерес на странска држава.



Спонзорирани линкови

Маркетинг