Општина Центар тврди дека проблемите со блокираната сметка се надминати

Макфакс

21/07/2018

15:53

497

Големина на фонт

а а а

Општината Центар реагира по обвинувањата за блокираната сметка. Од општината тврдат дека проблемите се надминати, платите се исплатени и сите сектори и одделенија во општината функционираат нормално и според предвидената динамика.

„Центар и новото општинско раководство, предводено од градоначалникот Саша Богдановиќ, во изминатиот период расчистува стари, наследени долгови од претходните општински раководства, пред сѐ – долгови и побарувања настанати во градоначалничкиот мандат на Владимир Тодоровиќ и ВМРО-ДПМНЕ. Од 120 милиони денари наследени долгови, исплатени се 96 милиони, а во наредниот период ќе се надоместат и останатите 24 милиони денари. Кредитниот лимит на општината е многу подобар од претходно, долговите се намалуваат, а се започнуваат нови проекти согласно програмата за работа на општината“, се вели во реакцијата.

Претходно, Васко Робовалиев, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во советот на Општина Центар обвини дека втора недела по ред сметката на Општина Центар е блокирана. Тој рече дека на овој начин се доведува во прашање работата на самата општина и на службите, а воедно се загрозуваат и услугите кои им се даваат на жителите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг