Кси Џинпинг со Ким во Пекинг: Средбата со Трамп е важен чекор! Се надеваме дека и Вашингтон и Пјонгјанг ќе го исполнат договорот

Точка

20/06/2018

13:12

1.746

Големина на фонт

а а а

Кинескиот претседател Кси Џинпинг му рекол на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун дека неговиот состанокот со американскиот претседател во Сингапур претставува "важен чекор кон политичко решавање на нуклеарното прашање на Корејскиот полуостров".

Кси навел и дека се надева дека Пјонгјанг и Вашингтон во целост ќе го применат тоа што е договорено во Сингапур. 

Ким, кој престојува во дводневна посета на Пекинг, му се заблагодарил на кинескиот претседател за поддршката на минатонеделниот состанок со Доналд Трамп.

Ова е трета посета на Ким на Кина оваа година, што укажува на значајното подобрување на односите меѓу двете земји, наведува "AP".

Севернокорејската агенција "KCNA" известила дека Ким, во текот на банкетот, истакнал дека односите меѓу Пјонгјанг и Пекинг се развиваат "во специјални односи без преседан".

Кинеската државна телевизија вчера прикажала како кинескиот претседател Кси Џинпинг го дочекал севернокорејскиот лидер, со воени почести, и со него разговарал во Големата сала на народот во Пекинг.

"CTV" известила дека Кси му рекол на Ким дека преку конкретни напори на релевантни земји, преговорите околу Корејскиот полуостров се враќаат на вистински пат и целокупната ситуација се движи кон мир и стабилност.

Тој изјавил и дека Кина секогаш ќе има конструктивна улога во тој процес.

Ким и неговата сопруга Ри Сол Ју ги дочекале Кси и неговата сопруга Пенг Лијуан на свечениот банкет.




Спонзорирани линкови

Маркетинг