Ник Рајнер, син на американскиот режисер Роб Рајнер, побарал пред судот во Лос Анџелес исплата на пари од фондот што му го оставиле неговите родители, за да ја финансира одбраната од обвиненијата за нивно убиство.
Во барањето што неговите адвокати го поднеле во понеделник, се наведува дека управителите на фондот без правна основа одбиваат исплата на пари на кои, како што тврдат, тој има право. Рајнер има 32 години и се изјаснил дека не е виновен по две точки од обвинението за убиство.

Според барањето, Роб Рајнер и Мишел Сингер Рајнер биле убиени со нож на 14 декември во сопствениот дом во луксузниот дел на Брентвуд во Лос Анџелес. Ник Рајнер бил уапсен неколку часа подоцна.
„Ник ги сакаше своите родители и е скршен од нивната смрт, но фактите за тоа што им се случило и што не им се случило не се предмет на овој спор за фондот“, се наведува во судското барање.

Во барањето понатаму се тврди дека Роб и Мишел Рајнер, покрај поголемиот семеен фонд, за Ник и неговите браќа и сестри основале и помали поединечни фондови.
За фондот на Ник, воспоставен во 1993 година, наводно оставиле „недвосмислени упатства“ половина од парите да ги добие на 30 години, а остатокот на 35 години.
Неговите адвокати тврдат дека првата исплата никогаш не била извршена и дека од февруари се нудат различни образложенија за одбивањето на исплатата, вклучително и прашања за способноста на Рајнер, иако исплатата е задолжителна.

Рајнер сега бара и предвремена исплата на преостанатиот дел, наведувајќи дека му се потребни парите за одбрана и основни потреби во притвор. Во барањето се наведува дека фондот располага со најмалку 1,5 милиони долари.
„Мојата канцеларија е подготвена и способна да продолжи со застапувањето на господинот Рајнер, доколку средствата бидат достапни. Постапката за убиство бавно напредува, а следното предсудско рочиште е закажано за септември. Обвинителството сè уште не одлучило дали ќе бара смртна казна“, навел Алан Џексон, адвокат кој претходно го застапувал Рајнер.










