Европскиот совет и Европскиот парламент постигнаа договор за нови правила за враќање на мигрантите, вклучително и воспоставување таканаречени „центри за враќање“ надвор од границите на Европската Унија, наменети за лица кои немаат право да останат во Унијата.
Договорот доаѓа непосредно пред целосната примена на Пактот за миграција и азил, која започнува на 12 јуни. Пактот воведува нов систем за управување со миграцијата, азилот, границите и интеграцијата. Иако беше усвоен уште во 2024 година, по двегодишниот преоден период земјите членки сега мора да го спроведат во пракса.
Според Агенцијата на ЕУ за азил (EUAA), целта на пактот е системот да стане поефикасен преку построга контрола на надворешните граници, единствени процедури за азил, распределба на одговорноста меѓу земјите членки и соработка со трети држави во борбата против нелегалната миграција.
Додека организациите за заштита на човековите права предупредуваат на можни нарушувања на правата на мигрантите, европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер оцени дека договорот покажува како Европа „ја доведува својата куќа во ред“.
Зошто на ЕУ ѝ беше потребен нов миграциски пакт?
Европската Унија со години се соочува со сериозни предизвици во управувањето со миграцијата. Според податоците на Евростат, секоја година во ЕУ легално се доселуваат околу 4,2 милиони луѓе од земји надвор од Унијата, додека околу 1,6 милиони Европејци се иселуваат. Во текот на 2025 година биле поднесени повеќе од 669.000 први барања за азил, додека „Frontex“ регистрирал над 178.000 нелегални преминувања на границите.

Еден од најголемите проблеми е малиот број успешни депортации. Иако земјите од ЕУ квартално издаваат околу 117.500 налози за напуштање на територијата, само околу 34.000 лица навистина се враќаат. Тоа значи дека речиси три четвртини од лицата кои треба да ја напуштат ЕУ остануваат на нејзина територија.
Кога државите на надворешните граници не можат да обработат голем број пристигнувања, доаѓа до преоптоварување на системот. Прифатните центри стануваат пренатрупани, како што претходно беа кампот Морија во Грција или центрите на италијанскиот остров Лампедуза. Обработката на барањата за азил бара безбедносни проверки, преведувачи, правна помош и интервјуа, што дополнително ги забавува постапките.
Истовремено, земји како Германија, Франција, Холандија и Белгија се соочуваат со недостиг од сместувачки капацитети и притисок врз здравствениот, образовниот и социјалниот систем.
Досегашниот систем, заснован на Даблинската регулатива, предвидуваше дека за барањето за азил е одговорна првата земја од ЕУ во која мигрантот ќе влезе. Тоа создаде голем товар за медитеранските држави како Италија, Грција, Шпанија и Малта. Поради тоа, ЕУ одлучи да го реформира целиот систем.
Построги контроли и побрзи процедури
Новиот пакт воведува задолжителни проверки на идентитетот, безбедноста и здравствената состојба на сите мигранти на надворешните граници. Овие проверки ќе мора да бидат завршени во рок од седум дена.
Ќе биде унапредена и базата на податоци „Eurodac“, која покрај отпечатоци од прсти ќе содржи фотографии на лица, идентификациски документи и дополнителни безбедносни информации за полесно препознавање на лица поврзани со тероризам или други безбедносни ризици.

Постапките за добивање азил ќе бидат забрзани и усогласени низ целата Европска Унија. Воедно, барателите на азил ќе имаат право на бесплатна правна помош, но ќе бидат воведени и построги правила против злоупотреба на системот и секундарни миграции во рамките на Унијата.
Посебна заштита е предвидена за ранливите лица, како жртви на тортура, силување или други тешки облици на насилство, кои нема да бидат вклучувани во забрзаните процедури доколку нивните потреби не можат соодветно да бидат згрижени.
Соработка со трети земји и „центри за враќање“
Пактот става голем акцент на спречување на нелегалната миграција уште во земјите на потекло или транзит. Тоа подразбира зајакнување на граничните капацитети на партнерските држави, борба против мрежите за криумчарење луѓе и развојна помош насочена кон решавање на причините за миграцијата.
Лицата на кои не им е одобрена заштита ќе мора да ја напуштат ЕУ. Во случај на несоработка или безбедносен ризик, тие може да бидат задржани до 24 месеци во текот на постапката за враќање.
Новитет се и „центрите за враќање“ во трети земји кои се сметаат за безбедни, каде што може да бидат сместени одбиени баратели на азил додека трае процесот на нивно враќање.
Поделба на товарот меѓу земјите членки
Една од најважните промени е воведувањето постојан механизам на солидарност меѓу земјите членки. Наместо најголемиот товар да го носат државите на надворешните граници, сите членки ќе мора да придонесуваат во заедничкиот систем преку прифаќање мигранти, финансиска помош или зајакнување на капацитетите на други држави.

Сепак, мигрантите и понатаму ќе поднесуваат барање за азил во првата земја на ЕУ во која ќе влезат, што значи дека државите од јужна Европа и натаму ќе имаат значајна улога во почетната обработка на пристигнувањата.
Предизвици во спроведувањето
За пактот да почне да се применува од јуни 2026 година, земјите членки мораа да ги усогласат своите закони, да обучат службеници и да ги унапредат информатичките системи.
Меѓутоа, Европската комисија предупредува дека многу држави доцнат со подготовките. Посебен проблем претставуваат недостигот од сместувачки капацитети, недоволниот број судии, преведувачи и стручен кадар, како и доцнењата во изградбата на објекти за прием и надзор на мигрантите.
Во извештајот на Комисијата од 8 мај се наведува дека политичка волја за спроведување на пактот постои, но дека практичната реализација заостанува. Како земји што имаат значителни проблеми во подготовките се издвоени Германија, Италија, Грција, Шпанија и Кипар.
Доколку одредени држави бидат целосно подготвени, а други не, постои ризик мрежите за криумчарење луѓе да ги искористат послабите точки на системот, што би можело дополнително да оптовари одделни земји и да го загрози функционирањето на шенгенскиот простор.















