Светското фудбалско првенство 2026 година ќе биде отворено на досега невиден начин, со дури три одвоени церемонии во трите земји домаќини – Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико.
Трите земји домаќини значат и три одвоени церемонии на отворање, кои ќе се одржат пред нивните први натпревари, како што е и вообичаена практика. Организаторите за овие настани ангажираа познати светски музички ѕвезди и изведувачи за да го одбележат почетокот на најголемиот фудбалски настан.
Церемониите ги осмисли италијанскиот продуцент Марко Балич, кој работеше и на отворањето на овогодишните Зимски олимписки игри во Милано и Кортина. Секоја програма ќе се одржи приближно 90 минути пред почетокот на натпреварот.
Церемонија на отворање во Мексико
Шакира и Бурна Бој ќе настапат во Мексико Сити на 11 јуни на првата од трите церемонии на отворање на Светското првенство, во пресрет на натпреварот меѓу домаќинот Мексико и Јужна Африка во четврток.

Тие ќе ја изведат песната „Dai Dai“, официјалната химна на турнирот, пред почетокот на средбата со која ќе биде отворено првенството. ФИФА за секоја од земјите домаќини планираше посебна церемонија, па воведната програма ќе биде одржана и во Соединетите Американски Држави и во Канада.
Во програмата за Мексико, меѓу другите изведувачи, најавени се Алехандро Фернандес, Белинда, Дени Оушн, Џеј Балвин, Лила Даунс, Лос Анџелес Азулес, Мана и Тајла.
Церемонија на отворање во Канада
Во Торонто на 12 јуни, пред натпреварот меѓу Канада и Босна и Херцеговина, главен изведувач на церемонијата ќе биде Мајкл Бубле, а ќе настапат и Алесија Кара и Аланис Морисет.

На програмата се и палестинската пејачка Елијана и францускиот изведувач Вегедрим, познат по песната „Ramenez la coupe a la maison“, со која беше одбележана победата на Франција на Светското првенство во 2018 година.
Меѓу другите изведувачи се Џеси Рејез, Нора Фатехи, Санџој и Вилијам Принс.
Церемонија на отворање во Соединетите Американски Држави
Во Лос Анџелес на 13 јуни, во пресрет на натпреварот меѓу Соединетите Американски Држави и Парагвај, публиката ќе ја гледа Кејти Пери, а ќе настапи и раперот Фјучр.

Исто така ќе настапат и Тајла, која се појавува и на другите церемонии, потоа Лиса од K-pop групата „Blackpink“, нигерискиот изведувач Рема и бразилската пејачка Анита.
Инаку, Шакира е меѓу ѕвездите најавени и за настап во полувремето на финалето на Светското првенство, заедно со Мадона и групата „BTS“. Песната „Dai Dai“ има цел да собере 100 милиони долари за поддршка на „FIFA Global Citizen Education Fund“.










