Аријана Гранде и Итан Слејтер ја прекинаа својата тригодишна врска, која уште од самиот почеток предизвикуваше контроверзии.
Веста во понеделникот ја потврди извор близок до парот, наведувајќи дека разделбата се случила тивко пред неколку месеци, пишува „Page Six“.
„Останаа пријатели и меѓусебно чувствуваат само почит и восхит. Одлуката не ја донесоа лесно, но сфатија дека е подобро да бидат пријатели отколку во сериозна врска“, изјавил изворот. Тој додал дека пејачката е среќна и фокусирана на иднината.

„Аријана е многу среќна и посветена на новото поглавје во својот живот, на турнејата ‘Eternal Sunshine’ и на претстојниот албум ‘Petal’“, изјавил тој.
Веста за раскинувањето прв ја објави „TMZ“, кој исто така наведува дека новиот албум на Гранде, најавен за 31 јули, не е инспириран ниту од раскинувањето ниту од врската со Слејтер.
Почетокот на врската беше обележан со контроверзии
Гранде (32) и Слејтер (34) се запознале на снимањето на филмот „Wicked“. Во тоа време и двајцата биле во брак – Гранде со својот сега веќе поранешен сопруг Далтон Гомез, а Слејтер со својата средношколска љубов Лили Џеј, со која има тригодишен син по име Езра.
Во јуни 2023 година, откако се дозна за неговата нова романса, тогашната сопруга на Слејтер остро ја нападна пејачката во изјава за „Page Six“.
„Аријана е всушност главната приказна. Таа не ги почитува другите жени. Моето семејство е само колатерална штета“, изјави тогаш Џеј.
Сепак, друг извор тврдел дека Гранде и Слејтер „не направиле ништо погрешно“.
„Џеј со право е вознемирена затоа што нејзиниот брак се распадна, но Аријана и Итан не направиле ништо лошо“, изјавил добро упатен извор, додавајќи дека Слејтер веќе два месеци бил разделен од сопругата пред да започне врска со Гранде.
Приватност и нов почеток
Иако својата тригодишна врска главно ја држеа подалеку од очите на јавноста, Слејтер во декември сподели неколку интимни фотографии со Гранде за време на празничните прослави.
Се чини дека пејачката мирно го прифаќа статусот на слободна жена. На отворањето на својата долгоочекувана турнеја „Eternal Sunshine“ во саботата во Оукланд, таа на разигран начин се осврнала на својот развод додека го изведувала хитот „Thank U, Next“ од 2019 година.
Песната, позната по стиховите за нејзините поранешни партнери, содржи и дел:
„Еден ден ќе зачекорам до олтарот / држејќи ја мајка ми за рака... Само тоа сакам да го направам еднаш, навистина / и да трае.“
Откако ги отпеала тие стихови, Гранде се насмеала и подигнала два прста, шеговито алудирајќи дека е отворена за втор брак, откако првиот со Гомез не ѝ успеа.












