[ФОТО] Ериксен испрати прва порака откако одново ги шокираше фановите: Ме заштити уредот кој го вградивме пред пет години

Дерби

09/06/2026

07:09

557

Големина на фонт

а а а

Кристијан Ериксен успешно се опоравува од колапсот кој го доживеа на вчерашниот пријателски натпревар против Украина, а после објавата која ја имаше данскиот доктор за неговата стабилна состојба, сега самиот фудбалер се огласи преку социјалните мрежи.

Ериксен откри дека ја напуштил болницата во Оденсе и дека е пуштен на домашно лекување, па сега ќе мине краток период надвор од фудбалските терени, заедно со своето семејство на летен одмор.

Данскиот играч за врска колабираше по вторпат во кариерата на еден фудбалски терен, но како што вели самиот, ова било сосема поинаква ситуација од онаа во 2021-ва година на Европското првенство.


Ериксен открива дека се урнал на земја поради електричниот шок кој го доживеал од уредот кој му е вграден во неговото тело, сето тоа како резултат на одредена неправилна работа на срцето која била детектирана од направата.

– Сакам да им кажам на сите дека сум добро и дека сум дома со моето семејство. Како што веројатно можете да замислите, примањето шок од мојот ICD уред (имплантибилниот кардиовертер дефибрилатор) имаше големо влијание и врз мене и врз моето семејство, но сакам да ги уверам сите дека ова беше поинаква ситуација од она што се случи во 2021 година.

– Се чувствувам добро и моето закрепнување веќе започна. Покрај тоа што сум благодарен за поддршката и помошта на сите играчи и медицинскиот тим на теренот, исто така сум неверојатно благодарен на лекарите кои се грижеа за мене и моето срце во текот на годините. Благодарение на нивната експертиза, мојот ICD направи точно она за што беше дизајниран и вграден: ме заштити кога ми требаше. Сега, мојот фокус е на закрепнување, поминување време со моето семејство, одење на одмор и играње фудбал со моите деца, – порача Ериксен.

ICD е кратенка за имплантибилниот кардиовертер дефибрилатор кој е вграден во телото на Ериксен од 2021-ва година, а негова главна улога е да испорачува сигнали во вид на енергетски шок, се со цел да го врати нормалниот ритам на срцето при хаотично забрзана, или бавна работа на истото.