Столе Димитриевски ја заврши сезоната на најдобар можен начин и со нова страшна одбрана против Барселона, но ако Македонецот може да биде презадоволен од индивидуалните перформанси, тимски гледано постојат и одредени разочарувања.
Иако Валенсија ја победи на Барса на „Месталја“ со 3:1, останатите резултати не се поклопија и „лилјаците“ седма година по ред останаа без излез во Европа, па како еден од најдобрите во вториот дел од сезоната, Димитриевски говореше и за неисполнетата цел.
– Вистинска штета е што не изборивме излез во Европа. Се боревме до самиот крај, ја победивме Барселона, но не ни одеа во прилог резултатите од другите натпревари. Тажни сме, но мора да се подигнеме после ваква сезона и повторно да почнеме отпочеток. Одигравме добар меч за крај, работевме напорно, се боревме и ги напаѓавме со нашите оружја. Штета е што не освоивме доволно бодови за да се најдеме во Европа, овие фанови заслужуваат да гледаат европски фудбал, – изјави Димитриевски.
Столе има важечки договор со Валенсија до 30-ти јуни и клубот поседува опција да активира клаузула со која ќе му биде продолжен истиот уште на две години, но пред да дојде ред да се зборува за такво нешто, се појавија информации дека Македонецот има понуда од Марсеј, но и од други европски клубови.
– Јас сум среќен во клубот. Откако добив шанса за игра од јануари, одговорив на задачата и покажав што можам да понудам. Кога играв во овој втор дел од сезоната, секогаш тоа го правев со насмевка на лицето. Валенсија е многу голем клуб, ако одигравме во првиот дел од сезоната како што игравме во вториот, сигурно ќе бевме во Европа.
– Мојата иднина? Тоа не е прашање за мене, не знам ништо за гласините кои кружат, за тоа е одговорен мојот агент. Набрзо ќе дознаеме повеќе информации за мојата иднина, – изјави Столе.
Со оглед на нивото кое го понуди во изминатите неколку месеци, Димитриевски ја придоби довербата и од Карлос Корберан, па сега останува да видиме дали Валенсија брзо ќе реагира, или ќе му дозволи на Македонецот да си бара нова средина.







