Енцо збесна по грешката на голманот Јоргенсен, менаџерот на Челси ја брани одлуката за „копирањето“ на Тудор

Дерби

12/03/2026

12:00

244

Големина на фонт

а а а

Челси имаше резултат 2:2 до 73. минута на гостувањето кај европскиот шампион ПСЖ, но грешката на голманот Филип Јоргенсен целосно го сврте моментумот на страната на домаќините, па премиерлигашот се врати дома со пораз од убедливи 5:2.

Менаџерот Лиам Росениор во стилот на колегата Игор Тудор реши да направи промена на голманската позиција за осминафиналето во Лигата на шампионите, а замената за Роберт Санчез на крајот имаше директно, негативно влијание врз резултатот за Челси.

Јоргенсен им подари топка на домаќините, кои реализираа атрактивно преку Витиња, а капитенот Енцо Фернандез не ја криеше лутината и уште по голот јасно покажа колку е лут поради грешката на голманот. Гестикулациите и фрлањето на топката кон Јоргенсен се доказ колку беше лут Аргентинецот, а неговиот менаџер сепак ја бранел одлуката да му даде шанса на вториот голман.

– Санчез и Јоргенсен имаат различни квалитети, а Филип има неверојатен талент и една од причините што ја победивме Астон Вила беше начинот на кој игравме со топка од задната линија. Но, фудбалерите понекогаш прават грешки, Јоргенсен не е прв, ниту последен на кого му се случило такво нешто, а тој им се извини на соиграчите во соблекувалната, – рекол Росениор.