[ВИДЕО] Кардиолог открива кој пијалак повеќе никогаш нема да го вкуси: „Ова е најголемата лага во вашиот фрижидер“

Точка

02/12/2025

20:42

493

Големина на фонт

а а а

Кардиологот д-р Дмитри Јаранов предизвикал бура на ТикТок откако во видео, на влезот од операционата сала, открил кој пијалак никогаш повеќе нема да го „допре“.

Видеото станало вирално не поради самата глетка, туку поради пораката што ја носи – откажување од диетални пијалоци, поткрепено со ново научно истражување. „Најголемата лага во вашиот фрижидер? ‘Нула шеќер’“, истакнал тој.

Нови откритија за засладени пијалоци

Истражувањето на кое се повикува Јаранов, објавено во октомври, открило значајна поврзаност помеѓу консумацијата на засладени и нискокалорични пијалоци со вештачки засладувачи и зголемениот ризик од неалкохолна масна болест на црниот дроб.


Истражувањето следело околу 124.000 возрасни лица во тек на десет години. Резултатите покажале дека лицата кои редовно пиеле слатки газирани пијалоци или нивните „диетални“ верзии имале поголема веројатност за развој на масна болест на црниот дроб. Консумирањето повеќе од една лименка дневно било поврзано со поголем ризик, и тоа во двата случаи. Диеталните пијалаци дополнително биле поврзани и со повисока стапка на смртност од болести на црниот дроб. Интересно е дека замената на било која врста пијалак со вода го намалила ризикот, додека замената на засладени пијалоци со диетални не донела подобрување.


Зошто „диетално“ не значи поздраво?

Иако ознаката „диетално“ често се смета за поздрав избор, бројни истражувања предупредуваат за потенцијални ризици. Диеталните пијалоци содржат вештачки засладувачи кои се поврзуваат со низа здравствени проблеми, вклучувајќи побрз когнитивен пад, помала ефикасност при лекување на рак и депресија. И покрај предупредувањата, според податоците на Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), околу една петтина од населението во САД секојдневно консумира диетални пијалоци.

Стручњаците повикуваат на умереност

„Newsweek“ разговарал за наодите од студијата со д-р Хал Бриндли, специјалист за болести на црниот дроб и гастроентеролог. Тој истакнува дека, иако студијата укажува на врска, потребни се понатамошни истражувања.


„Тоа може да вклучува стимулирање на апетитот преку слатки вкусови или интеракции со цревниот микробиом. Меѓутоа, дебелината и дијабетесот тип 2 остануваат главни двигатели на прогресијата на болеста“, рекол.

Д-р Бриндли смета дека сегашните податоци не оправдуваат целосно избегнување.

„Наместо тоа, се препорачува умерен внес, особено со оглед на недостатокот на докази кои квантитативно би го утврдиле специфичниот ризик за здрави лица со нормална телесна тежина.“