Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата од „Безбеден град“, кој почна официјално денеска со пробниот период, изјави:
„Апсолутно ја поддржувам применета на проектот ‘Безбеден град’ и поддржувам негово проширување на целата територија на земјата. Некои велат тоа ќе донесе критика за Владата, тоа ќе донесе силен политички удар, јас велам подготвени сме тој политички удар да го издржиме, само да спасиме некој човечки живот. Затоа што само изминатава недела – две во строгиот центар на главниот град – имавме три жртви, повредени, што би рекол, луѓе што го изгубиле животот поради неприспособена брзина или непочитување на сообраќајните правила.
Во разговори со министерот за внатрешни работи реков дека сме подготвени како Влада да ги трпиме сите критики. Слушам некои од поранешни пратеници на поранешното владејачко мнозинство на СДСМ и ДУИ го критикуваат ова, возеле 52, 53, 55, па добивале опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени бидејќи си има правила за тоа што значи приспособена и неприспособена брзина. И ако еден човечки живот успееме да спасиме, еве јас сум подготвен целиот товар да го прифатам на себе и да ја прифатам целокупната политичка одговорност, па макар еден да спасиме човечки живот поради тоа што некои од тие човечки животи се губат поради непочитување на сообраќајните правила, а најчесто тоа се случува со неприспособена брзина. Ние алармиравме дека до ова ќе дојде, видовте во текот на еден ден колку сообраќајни прекршоци се направени. Повеќето од нив се затоа што несовесни возачи управуваат патнички возила кои не се регистрирани. Некои од прекршоците, неколку илјади, вчера беа поради тоа што поминале на црвено светло. Еве само вратете се назад и ќе видите колку луѓе го изгубија својот живот затоа што некој управувал патничко возило, не ја приспособил својата брзина и поминал на црвено светло.
Ќе повторам, ако треба за тоа да го издржиме политичкиот притисок и удар, сето сум подготвен да го прифатам, само да спасиме човечки живот“.











