Лизгањето на отворено е составен дел од зимските активности во бројни држави ширум светот.
Доколку посакувате огромен простор за лизгање и магично искуство на мраз, вреди да го посетите лизгалиштето кое (погрешно) се нарекува најголемо во Европа, а кое се наоѓа во Градскиот парк во Будимпешта.
Ова европско лизгалиште (City Park Ice Rink) на отворено се простира на неверојатни 12.000 квадратни метри и се наоѓа помеѓу Плоштадот на хероите и замокот Вајдахуњад во унгарската престолнина. Лизгањето таму се одржува од 1870 година, што го прави едно од најстарите лизгалишта на отворено во Европа.

Лизгалиштето е исклучително популарен избор за лизгање на крајот од календарската година и пред божиќните и новогодишните празници. Лизгалките таму можат да се изнајмат за 3.000 унгарски форинти, или околу 8 евра по лице, а цената на билетот за лизгање варира во зависност од возраста на лизгачот и времето од годината во кое сакате да лизгате. Семеен билет за четири лица, на пример, чини 7.500 унгарски форинти, или 20 евра, додека за 69 евра можете да добиете сезонски билет за еден возрасен со вклучени 10 сесии за лизгање.

Меѓутоа, лизгалиштето „City Park Ice Rink“ во Будимпешта не е најголемото лизгалиште на отворено во Европа. Таа титула му припаѓа на лизгалиштето во Москва, кое се наоѓа пред комплексот „VDNKh“ и се простира на површина од 20.000 квадратни метри – или 16 споени олимписки базени.

Најголемото лизгалиште во Европа може да прими околу пет илјади лизгачи истовремено. Билетите за возрасни може да се купат за само 8 евра, ако ги резервирате преку официјалната веб-страница.

Од друга страна најголемото лизгалиште на отворено во светот е целосно природно и се наоѓа во Канада. Поточно, тоа е каналот Ридо во Отава, кој замрзнува секој јануари и им нуди на Канаѓаните можност сè до месец март да лизгаат на лизгалиште долго 7,8 километри и површина од 165.621 квадратни метри.








