[ВИДЕО] Турист од Германија за Словенија: „Кафе за 1,70 евра? Ова не е нормално!“

Точка

02/12/2025

18:42

1.052

Големина на фонт

а а а

Иако Словенците често се жалат на високите цени, туристите од побогатите земји неретко остануваат пријатно изненадени.

Извесен Германец кој овие денови престојува во Словенија бил толку шокиран од поволните цени што го споделил своето воодушевување во видео на ТикТок, кое брзо станало вирално, пишува „Žurnal24.si“.

„Цените тука се едноставно неверојатни“, започнал Германецот во видеото.

Особено го изненадила цената на кафето. „За капучино тука платив 1.70 евра. 1.70 евра. Добро слушнавте. И ти го носат до маса. А можеш и да седнеш, што не е лошо“, рекол, споредувајќи ги цените со оние во Германија. „Еспресо е 2.20 евра. Литар пиво 6.50 евра. Литар. Тоа се нашите цени од пред 15–20 години“, додал.

Воодушевувањето продолжило и кога стигнал до храната. Навел дека голем бургер чини 7.50 евра, а чизбургер девет евра. „Можам само да продолжам. Ова не е нормално. Голем појадок е девет евра. Цените се неверојатни“, изјавил.


На крајот се запрашал како воопшто е можно тоа. „Се прашувам како им успева. Имаат даночна стапка од 22 проценти, сето тоа чини“, рекол тој, проценувајќи дека целиот појадок — кафе, омлет и тост — го чинел околу 20 евра.

Словенците му порачале: „Прашај нè колкава е платата“

Но, неговото видео предизвикало бурна дискусија во коментарите, каде многу Словенци одлучиле да му објаснат и друга страна на приказната. Главниот аргумент бил дека, за разлика од германските, словенечките плати се значително пониски, поради што тие цени за локалното население се всушност високи.

„За еден Словенец тоа е прескапо, бидејќи просечната плата во Словенија изнесува 1300 евра, а минималната плата е 970 евра“, истакнала една корисничка.

Други биле подиректни. „Па, заработуваат исто како ние пред дваесет години“, му порачал еден коментатор, додека други му советувале да праша Словенци за нивната плата или да провери цени на недвижнини, за кои тврдат дека се „како во Њујорк“.

Сепак, тука биле и оние кои се согласувале со него и го споделиле воодушевувањето од Словенија. „Словенија е одлична држава. Мислам дека Германија е 20 години зад Словенија“, заклучил еден од корисниците.