Тошковски: Најчести жртви на сообраќајните незгоди се младите

Макфакс

02/12/2025

14:54

94

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на првата Национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, што се одржа во Скопје во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Пред претставници на Владата, општините, ЗЕЛС, РСБСП и експертската јавност, министерот ја истакна загрижувачката состојба со сообраќајната безбедност и потребата од системски и координиран пристап.

„Како и во светот, и кај нас најчести жртви на сообраќајните незгоди се младите. Минатата година имавме околу 78 жртви на милион жители, што е речиси двојно повеќе од европскиот просек од 40, а далеку над скандинавските земји, каде бројката е до 20 жртви на милион жители“, нагласи министерот.

Во своето обраќање тој посочи дека Македонија се приклучува кон европската стратегија „Safe System“, чија цел е до 2030 година бројот на жртви да се намали за половина, а до 2050 година да се постигне целосно нулта жртви.

Тошковски дефинираше дека клучните елементи на овој систем кој заеднички треба да го имплементираат институциите се: безбедна брзина, безбедни учесници во сообраќајот, безбедни патишта, безбедни возила и ефикасна институционална реакција по незгода.

Министерот ја поздрави иницијативата за потпишување на првата Декларација за сообраќајна безбедност, со која општините формално се обврзуваат дека ќе работат системски на подобрување на условите и инфраструктурата.

Посебен акцент беше ставен на започнатиот пробен период на системот „Безбеден град“, кој преку автоматско препознавање веќе детектира стотина илјади прекршоци. „Ова е значаен чекор кон современ, ефикасен и дисциплиниран сообраќајен амбиент“, истакна Тошковски.