[ФОТО/ВИДЕО] Ова австриско семејство семејниот дом го претворило во божиќна бајка: Украсен со речиси еден милион светилки

Точка

02/12/2025

13:33

455

Големина на фонт

а а а

Со речиси милион божиќни светилки и околу 250 надувувачки фигури, австриското семејство Голнхубер традиционално го претвора својот дом и околината во зимска земја на чудата, која илјадници луѓе ја посетуваат секоја година.

Тие неодамна ги отворија вратите на овогодишната „божиќна бајка“.

Сабине Голнхубер е сопственичка на оваа „божиќна куќа“, а за неа подетално разговарала со Ројтерс.

„Ние сме најголемата европска божиќна куќа со речиси милион светилки и над 250 надувувачки божиќни фигури, тука на површина од 5.000 квадратни метри во Бад Тацмансдорф. Нѝ требаа четири месеци да ја поставиме. Мојот драг сопруг и јас имавме пет помагачи тука, поминавме четири месеци поставувајќи сè, а ќе биде осветлена до 6 јануари, а потоа ќе поминеме уште четири месеци расклопувајќи сè. Значи, имаме Божиќ речиси цела година“, истакнала таа.

Семејството Голнхубер живее во Бад Тацмансдорф, на 90 минути возење јужно од Виена и го нарекуваат својот имот „најголемата божиќна куќа во Европа“.

Сè започнало пред повеќе децении кога Сабине Голнхубер додека сè уште била дете повеќе пати со родителите ги посетила Флорида и Калифорнија за време на божиќната сезона. Таму, таа го видела американскиот начин на украсување куќи за Божиќ и сонувала еден ден и самата да направи нешто слично.


Својот сон го претворила во реалност во 2010 година: тогаш почнала со божиќно украсување на семејната куќа, а секоја наредна година се обидувале украсувањето да го подигнат на повисоко ниво.


Инаку семејството Голнхубер не наплаќа влезници за посета на нивната куќа, туку бараат од посетителите добротворни донации, кои во последните години изнесувале близу 350.000 евра, откри Сабине.


Потребни се четири месеци за поставување на божиќните украси на семејниот имот од 5.000 квадратни метри, а уште четири за отстранување на украсите по завршувањето на изложбата на 6 јануари.