Донарума на чекор од неславен рекорд во Премиер лигата, Пеп порачува: Доволно е возрасен за да ја сфати логиката

Дерби

02/12/2025

12:24

168

Големина на фонт

а а а

Џанлуиџи Донарума дојде како големо засилување за Манчестер Сити во завршницата од летниот преоден рок и веќе во неколку наврати ги покажа своите квалитети, но Италијанецот многу брзо се доведе во ситуација да биде на чекор од неславен рекорд во Премиер лигата.

Донарума доби јавна опомена и на последниот натпревар против Лидс и тоа беше четврти жолт картон за него на десеттиот натпревар кој го одигра за Сити, па доколку добие уште еден на наредните шест меча, Џиџио ќе стане првиот голман во историјата на Премиер лигата кој заработил суспензија поради недисциплина.

Италијанецот во завршницата од мечот со Лидс доби жолт картон поради приговор кон судијата и тоа беше трета таква опомена за него од стартот на сезоната, а еден жолт картон доби и поради задржување на време.

Тоа го доведе Донарума во ситуација да биде на само една јавна опомена од суспензија во англиската елита, нешто што би се случило за првпат во историјата кога се голманите во прашање.

За да избегне такво сценарио, Донарума ќе мора да се смири на наредните шест натпревари до полусезоната, бидејќи правилото вели дека по 19-та рунда, рамката за суспензија се зголемува на 10 жолти картони.

– Не гледам потреба да разговарам со Донарума, тој доволно е возрасен за да ја сфати логиката на англиските судии. Верувам дека ќе се прилагоди на англиските критериуми, доволно е возрасен за да ги сфати последиците, – изјави Пеп Гвардиола.