Дезире Дуе имаше нестварна прва сезона во дресот на ПСЖ, а поради сето она што го прикажа во Франција и во Европа како дел од Лигата на шампиони, младиот Французин вчера се закити со најпрестижната индивидуална награда за млади фудбалери.
Дуе е избран за ново „Златно момче“ од страна на „Тутоспорт“ и вчера ја доби наградата во Торино, по што младата ѕвезда на ПСЖ им се заблагодари на сите кои се заслужни за овој успех, вклучивајќи и една мистериозна личност која сепак не сакаше да ја открива.
– Чест е да се биде тука и да се добие ваква награда, навистина сум многу среќен. Оваа награда значи многу за мене, па затоа ја посветувам на цело мое семејство. Семејството ми е најголема поддршка, обично не сум нервозен кога зборувам, но кога зборувам за моето семејство, почнувам да треперам, – изјави најдобриот млад играч за 2025-та година.
– Оваа прилика ја користам за да им се заблагодарам на Ал Келаифи, на Луис Кампос, на Луис Енрике, како и на сите соиграчи и останатиот дел од стрчниот штаб.
– Исто така, посебна благодарност до една личност. Нема да ви кажам за кого се работи, личноста до која е испратена оваа порака добро знае за што се работи, – додаде мистериозниот Дуе.







