Познатиот и угледен невролог, д-р Бајбинг Чен, познат како д-р Бинг, тврди дека науката јасно покажува како луѓето кои ги нарекуваме „супер ејџери“ – лица кои, како што објаснува, „мислат и паметат како некој на 30 или 40 години“ – имаат една заедничка клучна навика. „Како невролог, понекогаш во мојата ординација гледам супер ејџери“, сподели тој во видео-објава.
Д-р Чен открива дека за одржување на млад мозок најпресудно е неговите сопственици да ги одржуваат социјалните врски. „Иако вежбањето и здрава исхрана се многу важни, единствената работа што сите супер ејџери ја имаат заедничка е дека остануваат социјални“, истакна тој.
Се повика и на истражувања што покажуваат дека овие луѓе имаат подебел "anterior cingulate cortex" – регија на мозокот поврзана со емоциите, вниманието и социјалното поврзување – и нагласи дека најголемата разлика во нивниот животен стил не е исхраната ниту суплементите, туку тоа што „имаат посилни и посмислени односи и остануваат длабоко вклучени со другите“.

Социјалната изолација може да го зголеми ризикот од деменција
Социјалната интеракција, вели д-р Чен, делува како тренинг за целиот мозок. „Секојпат кога ќе се поврзете со некого, ги активирате мозочните мрежи за меморија, емпатија, внимание и јазик“, објасни тој. Додаде и дека длабоките односи го намалуваат нивото на кортизол, а го зголемуваат окситоцинот и допаминот – што може дури и да помогне во зачувување на мозочната структура.
Пораката е јасна: „Ако сакате вашиот мозок да остане млад, немојте секој ден да решавате само крстозбори и судоку. Јавете се на пријатели, приклучете се во некоја група, разговарајте, смејте се и останете поврзани.“

Неговите објаснувања ги потврдува и „Alzheimer’s Society“, која предупредува дека социјалната изолација може да го зголеми ризикот од деменција за околу 60 проценти. Организацијата истакнува дека социјалната вклученост е поврзана со поголем когнитивен резервоар, поздрави навики, помал стрес и намалени воспалителни процеси, а препорачува активности како групни курсеви, уметност, музика или волонтирање како начини за зачувување на здравјето на мозокот.









