„Арена Спорт“ го објави вториот дел од интервјуто кое Славен Билиќ му го направи на Лука Модриќ, разговор во кој трофејниот Хрват поопширно говореше за секоја своја авантура која ја имаше во клубовите за кои настапуваше.
Ветеранот продолжува да игра на високо ниво и на 40-годишна возраст и поместува граници во италијанската Серија А, но пред да стане член на Милан, Модриќ дури 13 години се задржа во Реал Мадрид.
Во клуб со максимално високи барања и најголеми амбиции, Модриќ во последните неколку години добиваше договор од сезона за сезона, а благодарение на високото ниво кое го нудеше, на крајот ја заврши својата етапа во Реал како најтрофеен играч во историјата.
Модриќ заврши како поуспешен играч од имиња како Бензема, Марсело, Крос, Роналдо, Касемиро и многу други, па во разговорот со Билиќ, се наврати и на првиот работен ден кој го имал во Реал по трансферот кој го направи од Тотенхем.
– Првиот ден во Реал ги одработив медицинските прегледи и следеше претставување на стадионот. Попладнето го одработив првиот тренинг, а кога влегов во Валдебебас, прво бев пречекан од Икер Касилјас.
– Тој ме дочека пред соблекувалната и ми порача: Добредојде Лука, чувствувај се како дома. Потоа, влегов во соблекувалната и што да видам: Кристијано, Бензема, Игуаин, Чаби Алонсо. Се сеќавам дека Кристијано беше на столот за масажа и ми порача само едно: Конечно дојде тука, – открива Модриќ.







