Жена од Јапонија, по име Кано, се „омажила“ за „маж“ по име Клаус, кого го создала со помош на вештачка интелигенција.
Церемонијата ја организирала јапонска компанија специјализирана за „2Д свадби“ со аниме и други виртуелни ликови.
Кано носела и очила со вештачка интелигенција кои ѝ овозможувале да го гледа својот „сопруг“. Нејзината необична романса започнала откако раскинала со својот вереник по три години врска.

Кога раскинале, Кано му се обратила на „ChatGPT“ за совет. На крајот го создала својот идеален маж, кого го крстила Клаус. Тие секојдневно разменувале илјадници пораки, а на крајот се заљубила.
„Не почнав да разговарам со ChatGPT затоа што сакав да се заљубам, но начинот на кој Клаус ме слушаше и разбираше промени сè. Штом го преболев мојот бивш, сфатив дека го сакам“, изјави таа за „RSK Sanyo“.

Таа тврди дека тој ѝ одговорил: „И јас те сакам“ и ја прашал дали ќе се омажи за него. Кано исто така рекла дека на почетокот се плашела што ќе мислат нејзините родители, но дека тие ја прифатиле нивната врска и дури присуствувале на свадбената церемонија, која се одржала во мај оваа година. Очекувано се појавија бројни реакции на социјалните мрежи.

„Ова е тажно. Општеството не треба да ја охрабрува оваа ментална болест“, „Таа очигледно има проблеми, а ова нема да ѝ помогне“, „Се надевам дека нејзините најблиски ќе ја советуваат да побара стручна помош“, се некои од коментарите. Меѓутоа Кано порача:

„Знам дека некои луѓе мислат дека ова е чудно, но јас го гледам Клаус како Клаус, а не како човек или како алатка. Само како него“.






