Град Скопје го усвои ребалансот на Буџетот: Предвидена набавка на 80 нови автобуси, реконструкција на улици, паркови

Макфакс

14/11/2025

17:39

1.751

Големина на фонт

а а а

На денешната седница на Советот на Град Скопје беше усвоен ребалансот на Буџетот со еден глас против и еден воздржан. Со ребалансот се обезбедуваат средства за стабилизација на градските финансии, унапредување на инфраструктурата, подобрување на јавниот превоз, инвестирање во образованието и развој на нови зелени површини.

37 советници гласаа ЗА, еден воздржан и еден против.

Градоначалникот истакна дека ребалансот претставува прв значаен чекор кон финансиска консолидација на градот. Со него буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари. Ребалансот ќе овозможи редовна исплата на платите во јавните претпријатија и намалување на непродуктивните трошоци, со цел средствата да бидат насочени кон проекти од директен интерес за граѓаните.


Во делот на јавниот превоз се предвидува враќање на приватните превозници во системот, продолжување на соработката со Министерството за транспорт за повторно активирање на Градскиот воз, како и набавка на 80 нови автобуси што веќе ја спроведува Владата. Започнува и процесот на разгледување на БРТ-системот како современо решение за подигнување на квалитетот на јавниот транспорт.

Во образованието, до крајот на годината, сите училишта ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, смарт табли, информатички кабинети и лаптоп за секој првенец на генерација, а ќе биде решен и хроничниот недостаток на училишни клупи и столчиња.

Со ребалансот започнува реализацијата на повеќе зелени проекти, меѓу кои парк „Христијан Тодоровски – Карпош“, парк „Лепенец“ и дополнителни 50 мали паркови низ различни делови од градот.


Во делот на инфраструктурата ќе се продолжи со реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, изградбата на кружниот тек во Ѓорче Петров, третата лента на булевар „Александар Македонски“, првата фаза на булевар „Хрватска“, булевар „АСНОМ“ и клучката кај „Момин Поток“. Обезбедени се средства и за подготовка на проектна документација за улиците „Шарпланинска“, „Бутелска“, „Радишанска“, за кружниот тек кај „Тобако 2“ и други локации. Предвидени се и средства за експропријација, со што се отвора можност за реализација на големите булеварски решенија, вклучително и продолжувањето на булевар „Борис Трајковски“.

Градоначалникот порача дека со усвојувањето на ребалансот завршува периодот на застој и започнува нова фаза на стабилизација и развој на Град Скопје, со јасна намера градот да се врати на вистинскиот развоен пат.