Истражувачите од Федералниот институт за технологија „ETH Zürich“ создале микророботи со големина помала од два милиметри, способни да се движат низ крвните садови и да доставуваат лекови точно таму каде што се потребни за да се спречи мозочен удар.
Овие роботи сè уште не се тестирани на луѓе, но успешно функционирале во експерименти со свињи и овци, објавено е во списанието „Science“.
Во моментов, многу болести, како што се мозочен удар или тумори, бараат големи дози на лекови кои се дистрибуираат низ целото тело, што го зголемува ризикот од несакани ефекти, пренесе „Swiss Info“.

Новиот микроробот го решава тој проблем, благодарение на сферична гел капсула во која може да се вградат лекови.
Капсулата е опремена со наночестички од железен оксид, кои можат да се контролираат со надворешни магнетни полиња.

Кога роботот ќе стигне до целната локација, капсулата се загрева со високофреквентно магнетно поле, што предизвикува растворање на гелот и ослободување на лекот.
„Неверојатно е колку крв се пумпа низ нашите крвни садови и со која брзина. Нашиот навигациски систем мора да биде во состојба да го издржи сето ова“, изјави Фабијан Ландерс, истражувачот од „ETH Zürich“ и главен автор на студијата.




