Сите скандали на кралот Чарлс: Чекаше 73 години за круната, интимниот разговор кој „протече“ му го наруши угледот, неговите родители не присуствувале на венчавката

Точка

14/11/2025

19:43

524

Големина на фонт

а а а

Кралот Чарлс е роден на 14 ноември 1948 година, додека неговиот дедо Џорџ VI бил на чело на британското кралско семејство. На круната чекаше 73 години, а често ги полнеше медиумите со својот приватен живот.

Чарлс Маунтбатен-Виндзор чекаше долги 73 години за да седне на тронот на Обединетото Кралство. Денешниот британски крал беше најдолговечниот принц од Велс, а со текот на годините неретко ѝ беше интересен на јавноста поради своите љубовни неприлики. Го следеа скандали прикажани и во серијата „The Crown“, а некои од нив ќе останат запишани во кралската историја. Денес кралот Чарлс го слави својот 77-ми роденден.


Како млад, љубел бројни припаднички на високото британско општество. Го поврзуваа со Џорџијана Расел, ќерка на сер Џон Расел, кој бил британски дипломат во Шпанија, со лејди Џејн Велесли, ќерката на осмиот војвода од Велингтон, со лејди Сара Спенсер, сестра на неговата идна сопруга Дајана, како и со Камила Шанд.

Денешната сопруга Камила, Чарлс ја опишал како жената на неговиот живот. Парот не ги прекинал односите ниту кога тој се ожени со Дајана Спенсер, а покојната принцеза во интервјуа зборуваше дека во нивниот брак било „тесно“ затоа што „биле тројца“.


Британските медиуми во ноември 1992 година објавија транскрипт од приватен разговор меѓу Чарлс и Камила од 1989 година. Во тој момент Чарлс сè уште бил во брак со Дајана. Во јавноста протече нивниот интимен разговор кој сериозно му го наруши угледот и нанесе голем удар врз неговиот брак со Дајана.

Од Дајана се разведе во 1992 година, но парот продолжи заедно да ги извршува кралските должности. Две години подоцна денешниот крал јавно ја призна својата афера со Камила. Истата вечер Дајана се појави на еден настан во Лондон во тесен црн фустан со голи раменици, кој денес е познат како „одмаздничкиот фустан“.


Кралицата Елизабета долго се обидуваше да го спаси бракот на својот првороден син и наследник на круната, но не успеа. По многу години попушти и му даде дозвола на Чарлс да се ожени со Камила. Тоа се случи долго по смртта на принцезата Дајана, во 2005 година. Со тој чин Чарлс прекрши едно големо кралско правило. Имено, Камила беше разведена, а за членовите на кралското семејство е табу да се венчаат со разведена личност. Родителите на Чарлс не присуствувале на самата венчавка, но се појавија на свадбената прослава во замокот Виндзор истата вечер.


На британскиот крал не му беше лесно ниту кога неговиот помлад син, принцот Хари, се повлече од кралските должности во 2020 година и се пресели со својата сопруга Меган Маркл во САД. Хари во интервју со Опра Винфри откри дека не разговара со својот татко и дека Чарлс не сакал да ги прифати неговите повици. Во книгата „Spare“, Хари детално опишува како неговиот татко не му дал никаква поддршка по смртта на мајка му, не го поддржал неговиот брак со Маркл, како и дека го „искористил“ во медиумите за да го прикаже својот однос со Камила во подобро светло. Нивниот однос станал постабилен по смртта на кралицата Елизабета II, но се чини дека Хари е поодалечен од своето семејство од кога било претходно.


Проблемите во семејството за британскиот крал не престануваат ниту денес. Чарлс III му ја укина титулата принц на својот брат Ендру поради поврзаноста со Џефри Епстајн само пред неколку дена. Ендру од должностите се повлече уште во 2020 година, а мајка му во 2022 му ги укина сите почесни воени титули и мораше да престане да го користи изразот „нeговo кралско височество“, пренесува „24sata.hr“.