И навистина „паѓаме“ во сон, покажува нова студија. Наместо нежно да втоне во сон, мозокот преминува во состојба на спиење преку ненадеен пресврт по достигнување критична точка, пишува „Саенс алерт“.
Истражувачите од Империјал колеџ Лондон и Универзитетот во Сари, анализирајќи мозочни снимки од илјадници доброволци, откриле изненадувачки нагла промена во електричната активност околу четири и пол минути пред заспивање.
„Откривме дека заспивањето претставува пресврт, а не постепен процес, со јасна точка што може да се предвиди во реално време“, вели невронаучникот Нир Гросман.

Способноста да се следи како индивидуалниот мозок заспива има големо значење за разбирањето на процесот на сон и за развој на нови третмани за луѓето кои тешко заспиваат.
Тимот претворил 47 карактеристики на мозочната активност забележани со електроенцефалограм во апстрактен математички модел. Тоа им овозможило да го следат патот на мозокот од моментот кога човекот легнува до моментот на заспивање.

Кога овие промени се прикажуваат како траекторија, личат на топка што се тркала по сè пострмен наклон сѐ додека не падне.
Со овој модел било доволно само едно ноќно снимање на мозочната активност за да може да се предвиди времето на заспивање во следните ноќи со точност од 95 проценти и просечно отстапување од околу 49 секунди.
„Сега можеме за секој поединец, секоја секунда, да измериме колку е далеку од моментот на заспивање со прецизност што досега не беше можна“, вели Гросман.
Овој нов увид нуди подобро разбирање на нешто што сите го сметаме за секојдневно. Освен тоа што помага да се дефинира како изгледа здравото заспивање, откритието може да им помогне на стручњаците да дијагностицираат и третираат нарушувања на сонот како несоница и прекумерна дневна поспаност. Можно е да се развијат и технологии што ќе ги предупредуваат возачите кога почнуваат да дремат.

Ова знаење може да се користи и за попрецизно следење на анестезија и како индикатор за здравјето на мозокот.










