Слушањето музика во подоцнежните години од животот е поврзано со 39 проценти помал ризик од деменција, покажува студија на Универзитетот Монаш, спроведена врз повеќе од 10.000 Австралијци постари од 70 години.
Истражувањето, објавено во списанието "International Journal of Geriatric Psychiatry", открива дека редовното слушање музика е поврзано со најголемо намалување на ризикот од оваа болест – 39 проценти помала зачестеност на деменција и 17 проценти помала зачестеност на когнитивни оштетувања, како и подобри резултати во вкупните когнитивни способности и епизодното помнење, кое се користи при присетување на секојдневни настани.

Когнитивна стимулација
Луѓето кои редовно слушаат музика или свират некој инструмент имаат 33 проценти помал ризик од деменција и 22 проценти помал ризик од когнитивни нарушувања.
Интересно е што постојаното слушање музика обезбедува дури и поголеми когнитивни придобивки од самото свирење инструмент – иако разликата не е голема.
Истражувачите нудат објаснување: слушањето музика активира широк спектар мозочни региони, вклучувајќи ги оние одговорни за паметење, емоционална регулација и внимание, што создава силна когнитивна стимулација.
Свирењето инструмент, иако корисно, може да биде ограничено со вежбање и мотивација, додека слушањето музика е лесно да се вклучи во секојдневието.

Улогата на образованието
Најизразен ефект бил забележан кај луѓето со повисоко образование, што може да укажува на поголема способност на мозокот да се приспособи, обнови и задржи добри ментални функции, дури и кога е изложен на стрес, болест или други предизвици.
Покрај тоа, ваквите лица имаат и подобра способност да ја користат музиката како стимуланс за мозокот.
„Доказите покажуваат дека стареењето на мозокот не е само последица на возраста и генетиката“, коментираат австралиските истражувачи.

„Врз него може да влијаат и фактори од сопствената средина и начинот на живот.“
Тие додаваат дека засега не може да се потврди директна причинско-последична врска, но бидејќи во моментов не постои лек за деменција, секоја стратегија која помага во превенција или одложување на појавата на болеста е повеќе од добредојдена.






