Поништена пресудата со која на мајката Невена и беше одземено детето, Врховниот суд ги укина пресудите на Судот во Охрид и Апелација во Битола

A1ON.MK

19/07/2025

15:21

1.630

Големина на фонт

а а а

Врховниот суд одлучувајќи по поднесена ревизија од мајката Невена Спасеска, ја поништи пресудата од Охрид и Битола, со која старателството на четиригодишното дете го дадоа на таткото од Охрид, а мајката целосно беше исклучена.

„Ревизиите на тужената се усвојуваат , Пресудата на Апелациониот суд од 20 февруари 2025 година и на охридскиот суд од ноември 2024 година се укинуваат, а предметот се враќа на повторно судење„, пишува во одлуката на Врховниот суд.

Како што беше пишувано изминативе месеци, и судот потврди дека „пресудите од Охрид и Битола се нејасни и неразбирливи, не содржат доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководеле судовите при одлучувањето, а дадените причини не произлегуваат од изведените докази па истите не можат во целост да бидат испитани“.

Според Врховен, основани се и ревизиските наводи за погрешна примена на материјалното право од страна на пониските судови, како резултат на што останала нецелосно утврдена фактичката состојба.


Врховниот суд смета дека двата суда во Охрид и Битола, за разлика од описите за блискоста на детето со таткото, односно дека треба детето да живее со таткото зошто е богат, дека е машко и дека живее во мало место, не дале информации дали и мајката била повикана во Центарот за социјална работа во Охрид, каде всушност и не беше никогаш повикана.

Извештајот на Центарот за социјална работа во Охрид се смета дека не е сеопфатен и дека не се наведени битните околности по однос на родителските капацитети на мајката ниту врз основа на што е дадено мислењето да се даде старателството на таткото.

Судот му замерува на Центарот за социјална работа во Охрид дека се посветил само на таткото на детето, а ја игнорирал мајката и нејзините родителски капацитети. Како што пишувавме претходно, директорот на Центарот во Охрид и беше разрешен поради неговата улога во овој предмет и му беше поднесена кривична пријава од Министерството за труд и социјална работа.

„Во конкретниот случај стручниот тим при ЦСР О. мислењето го дал само со анализа на условите кај таткото и неговите родителски капацитети, без притоа да се ценат условите кај мајката и нејзините родителски капацитети како и возраста на детето и неговата потреба од мајка на таа возраст, прилагодувањето во средината во која досега живее односно треба да бидат согледани целокупните услови за растење и грижа за малолетното дете“, се наведува во одлуката на Врховниот суд.


Врховниот суд смета и дека двата суда во Охрид и Битола, кои донеле одлука дететото да го доверат на таткото, не го зеле предвид мислењето на Центарот за социјална работа во Скопје кој сметаше дека дететото треба да остане кај мајката. Судот наведува дека одлуката мора да биде во „најдобри интереси на детето“ кои не се совпаѓаат со интересите на таткото или на мајката.

„При утврдување на „најдобри интереси“ битно е да се цени дали детето се прилагодило на средината каде живее во С. и како промената на средината би влијаела на детето со оглед дека се работи за дете од четири години“, се наведува во одлуката.

Врховен утврди и дека основани се ревизиските наводи за погрешна примена на материјалното право бидејќи судовите не ја зеле во предвид одредбата од член 265 став 3 од Законот за социјална заштита.

„Имено согласно оваа одредба е предвидено дека за дете чии родители не живеат заедно, а постапката за доверување на детето на чување и воспитување кај еден од родителите не е спроведена, надлежен е центарот на подрачјето на кое детето се нашло во положба од социјален ризик. Дотолку повеќе што од известувањето од 31.10.2024 година утврдено е дека е надлежен Центарот за социјална работа во Скопје и упатува да се прави разлика помеѓу судска и управна постапка“, се вели во одлуката на Врховниот суд.