(Видео) Ледена бура во САД, температури до-43 степени! На патиштата хаос, има и загинати

Точка

03/02/2023

23:44

6.271

Големина на фонт

а а а

Повеќе од 80 милиони Американци се соочуваат со рекордно ниски температури додека смртоносната ледена бура удира во североистокот на САД, јавува „BBC“.

Ледената бура би можела да донесе студен ветер кој предизвикува смрзнатини за помалку од 10 минути, предупредува Националната метеоролошка служба. Велат дека ова е настан кој се случува еднаш во животот. Жителите од Пенсилванија до Мејн се повикуваат да го ограничат престојот надвор до петок и сабота.

Досега загинале 11 луѓе

11 лица починале во бурата на југот на САД од понеделникот. Во Тексас имало осум смртни случаи, два во Оклахома и еден во Арканзас.

Се очекува до петок попладне да бидат соборени десетина температурни рекорди во неколку држави, каде вкупно 82 милиони луѓе ќе се соочат со температури од-17 степени Целзиусови и пониски, пишува „BBC“. Во Мејн, на пример, во делови на државата се очекуваат најниски температури забележани од 1971 година. Во градот Портланд се очекува студот на ветерот да достигне-43 степени Целзиусови. Во Бурлингтон, во Вермонт, се очекува највисоката температура во петок да достигне минус 20 степени.

И Бостон е под предупредување за екстремен студ. Во градот се затворени училиштата, како и во Норчестер во близина. Се очекува температурите во Њујорк и другите поголеми градови до сабота да паднат на околу минус 17 степени, иако прогностичарите предвидуваат смирување до крајот на викендот. Температурите во делови на Тексас се качиле над нулата, а се очекува мразот да се стопи до петок.

320.000 луѓе без струја

Повеќе од 320.000 луѓе и натаму биле без струја утрово во Тексас, Арканзас и Мисисипи. Екипите на итната помош во Тексас од понеделникот одговориле на стотина повици за судири, од кои некои биле фатални. Тројца мажи загинале во несреќа во близина на Бранунфилд, југозападно до тексашкиот град Лубок.

Едно лице во Остин загинало во судир на возила во вторникот, соопштиле локалните власти. 45-годишен маж загинал во понеделникот во Арлингтон откако неговиот „SUV“ удрил во заштитна ограда на автопат, додека еден студент загинал во несреќа при превртување во Волффорт. 49-годишна жена загинала возејќи по замрзнат пат северно од Елдорадо, соопштиле тексашките службеници.

Во соседна Оклахома, во округот Кустер, 35-годишен возач загинал вчера наутро во налет на шест автомобили на заледен пат, објавуваат локални медиуми. Полициската управа на Далас ги замолила граѓаните да внимаваат дали гумите им се напумпани, да ја намалат брзината на замрзнатите патишта и да избегнуваат користење на темпомат.

Откажани илјадници летови

Мешавината од леден дожд и студен воздух веќе погодила делови од регионот. Повеќе од 1.900 летови се откажани, а посебно се погодени аеродромите во Тексас. Националната метеоролошка служба во вторникот наутро предвидела дека на патиштата во Остин и Далас во Тексас ќе се насобере неколку центиметри снег.

Овој временски феномен е предизвикан од арктичкиот студен фронт кој се пробива кон југ, каде се соочува со топол и влажен воздух од Мексиканскиот залив.

Од вторник навечер откажани се речиси 2.000 летови, што влијаело на големите превозници како „Delta“, „American“, „United“ и „Southwest“. Сите авиокомпании им дозволиле на патниците повторно да ги резервираат летовите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг