Ученици со атипичен развој од Битола го посетија претседателот Пендаровски

Макфакс

02/12/2022

18:14

2.018

Големина на фонт

а а а

Ученици со атипичен развој од ООУ „Ѓорги Сугарев” – Битола денеска го посетија кабинетот на претседателот на државата. Посетата се случува пред утрешниот ден – 3 декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост.

Учениците се сретнаа со претседателот Пендаровски и со неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска и ги споделија нивните желби, хобија, интереси и омилени активности во рамки на образовниот процес.

Во разговорот со специјалните едукатори и рехабилитатори, претседателот Пендаровски и г-ѓа Ѓоргиевска се запознаа со тековните проекти на Центарот за поддршка на учењето на децата со попреченост, што во рамки на битолското основно училиште, овозможува инклузивност, личен развој и индивидуална надградба на учениците.

Претседателот и неговата сопруга се заблагодарија за денешната посета на учениците, посакувајќи им да гo следат својот сон и постојано да се стремат кон остварување на своите цели.

Посетителите имаа можност да ги разгледаат и работните простории на претседателот Пендаровски, како и Мозаик салата во која е поставен диптихот „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ на нашиот уметник – академик Глигор Чемерски.

Отворен Кабинет е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, во рамки на кој, институцијата ја посетиле граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.



Спонзорирани линкови

Маркетинг