Министерот Спасовски на средба со раководството на СВР Скопје

Макфакс

02/12/2022

15:52

1.688

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржа работна средба со раководството на СВР Скопје, како најкомплексен Сектор на подрачјето на целата држава, кој се карактеризира со најголем обем и сложеност во работните задачи.

Тој беше информиран за безбедносната состојба на подрачјето на СВР Скопје, состојбите со криминалитетот, како и активностите што ги презема Секторот во насока на намалување на стапката на криминалитет, одржување поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста во градот и заштита на граѓаните.

На средбата министерот Спасовски напомена дека во периодот јануари-октомври 2022 година, во споредба со истиот период минатата година, евидентно е намалувањето на севкупниот број кривични дела за 10 %, а забележано е зголемување на ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела од областа на економскиот криминал за 11,1 %.

„Зголемување за 6,52 % бележи и процентот на расчистени разбојништва и разбојнички кражби. Со посебно задоволство ќе споменам дека во борбата против нелегалната трговија со дрога СВР Скопје минатата година може да се пофали со заплена од рекордни 215 кг марихуана, а годинава дури 1,5 кг кокаин“, истакна Спасовски.

Од раководството на СВР Скопје министерот беше информиран дека безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Скопје е на задоволително ниво, што е особено важно за сите граѓани во еден милионски град како што е градот Скопје, кој претставува и главен административен, деловен и образовен центар.

Спасовски потенцира дека во однос на состојбата со јавниот ред и мир, во 2022 година, во споредба со деветте месеци од претходната година, евидентирано е намалување на овој вид прекршоци за 44,7 %, особено во делот на физичките напади и предизвикување или поттикнување тепачка. Драстично подобрување на статистиките на подрачјето на СВР Скопје се бележи и во поглед на сообраќајот, односно сообраќајните незгоди и последиците од нив.



Спонзорирани линкови

Маркетинг