Русија објави дека ја повлекла војската од Лиман

Макфакс

01/10/2022

17:27

4.062

Големина на фонт

а а а

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека ги повлекла руските војници од стратешкиот град Лиман во источна Украина.

Како што наведоа, тие се повлекле на поповолни позиции, бидејќи постоела опасност да бидат опколени.

Велат дека над 200 украински војници биле убиени во изминатиот ден во правец на Лиман, а уништени се и пет тенкови и девет пешадиски борбени возила.


„И покрај претрпените загуби, поради значителната супериорност во силите и ресурсите, непријателот воведе резервни сили и ја продолжи офанзивата во правец на Лиман“, наведуваат од руската армија, пренесе „Б92“.

Руската авијација, со прецизни напади на позициите на 65. механизирана бригада на украинската армија во областа на градот Запорожје, убила до 60 војници и уништила 10 единици воена опрема, како и две американски мулти- барел ракетни лансери Химарс, соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Борбени авиони на руските воздушни сили собориле украински МиГ-29 над областа Николаев.

Над 270 украински војници биле ликвидирани во правец на Миколаев-Криви Рих во еден ден. Уништени се и пет тенкови, шест пешадиски борбени возила, 23 воени оклопни возила и 11 автомобили.


Покрај тоа, со ракетен напад била уништена позицијата на единиците на 14-та механизирана бригада на украинската армија во регионот Харков. Елиминирани се повеќе од 50 милитанти, а уништени се 12 единици специјална воена опрема, велат од руската армија.

Претходно, портпаролот на украинската војска изјави дека украинските сили го опколиле градот Лиман, кој со месеци служел како логистички и транспортен центар за руските операции во северниот дел на регионот.

Тој додава дека во таа област имало меѓу 5.000 и 5.500 руски војници.

„Некои се предадоа. Имаат многу убиени и ранети, но операцијата се уште не е завршена“, рече портпаролот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг