Левица ја поднесе во ДИК Иницијативата за референдум: Не очекуваме силеџиска реакција од Џафери, рече Апасиев

Нетпрес

28/09/2022

13:47

1.739

Големина на фонт

а а а

Денес Левица поднесе предлог за поднесување граѓанска Иницијатива за референдум. Народот треба да го има зборот кога станува збор за прашања од национален интерес, изјави Апасиев.

Левица најави целосна блокада на Собранието, доколку собранискиот спикер Талат Џафери ја одбие и оваа Иницијатива. Од партијата велат дека имаат договор со ВМРО-ДПМНЕ и, како што најави пратеникот од редовите на Левица Борислав Крмов, „заедно ќе доведеме до целосна парализа на Законодавниот дом“.

„Ги повикуваме и граѓаните, бидејќи во 30 општини предложивме да се собираат потписи. Ќе ја користиме инфраструктурата на Левица, бидејќи законот не дозволува правно лице, јас како физичко лице прво потпишан, ќе бидам официјално овластен предлагач на иницијативата, и очекуваме веќе следната недела да ја пуштиме во собраниска процедура каде што би дошла на оние собраниски филтри, без Џафери силеџиски да изигрува уставен судија. Тој нема такви ингеренции, може само формално да даде забелешки за адресата и слично, но не може да отфрла. 150 илјади потписи, согласно нашиот закон треба да се соберат во рок од 90 дена, и после бирократските бариери се надеваме дека тие ќе бидат брзо собрани некаде до крајот на оваа календарска година“, рече Апасиев.

Иницијативата на Левица за референдум ќе ја поддржи и ВМРО-ДПМНЕ, порача претходно и лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски.

Најмалку сто потписи се потребни за да може Иницијативата да се достави и во Парламентот.

Претходно, иницијативата за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија што ВМРО-ДПМНЕ ја достави до Собранието на 9 септември, беше отфрлена од страна на Џафери со образложение дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.



Спонзорирани линкови

Маркетинг