Каква машина! Најмоќниот американски воен брод се појавил во Пацификот, Кина го држи на око

Точка

27/09/2022

18:45

3.630

Големина на фонт

а а а

Американскиот брод „Zumwalt“, претставува врв на военото вооружување, посебно бидејќи содржи хиперсонично оружје.

Најнапредниот американски воен брод се појавил во западен Пацифик во мисија која би можела да биде подготовка за потенцијално распоредување на американски хиперсонични проектили во регионот. „USS Zumwalt“ е прв во класата од три повеќенаменски уништувачи со управувани проектили за кои морнарицата вели дека ќе создадат ново ниво на сложеност на воениот простор за потенцијалните противници.

На Пацификот, еден од тие потенцијални противници е очигледно Кина, а „Zumwalt“ сигурно ќе привлече големо внимание од Пекинг.

„Присуството на невидлив воен брод ќе привлече голем интерес од Кина“, посебно ако „Zumwalt“ е опремен со хиперсонични ракети, рекол аналитичарот Карл Шустер и поранешен капетан на американската морнарица.


А тоа време можеби не е далеку, пишува „CNN“. Во извештајот на американскиот Поморски институт во август се наведува дека „Zumwalt“ ќе биде надограден следната година за да адаптира заедничкото хиперсонично тело на Пентагон (C-HGB), систем за вооружување кој користи ракетен мотор за лансирање на проектили со хиперсонична брзина.

Според извештајот на Конгресната истражувачка служба од мај 2022-ра година, „C-HGB“ би требало да биде маневарски, што го отежнува откривањето и пресретнувањето, и дека може да патува со брзина од 5 маха или побрзо, што е најмалку пет пати побрзо од брзината на звукот, или до 20.921 километри на час. „C-HGB“ е дизајниран да уништува мети благодарение на својата брзина, се наведува во извештајот. Откако минатата недела влегол во водите на Гуам, „Zumwalt“, во понеделник пристигнал во Јапонија, рекол портпаролот на 7. флота на американската морнарица, поручник Марк Ланфорд.

Во соопштението на морнарицата се наведува дека воениот брод е доделен на ескадрилата уништувачи 15, најголема ескадрила уништувачи на американската морнарица со седиште надвор од САД, која делува од поморската база Јокосоку во близина на Токио. „Zumwalt“ игра клучна улога во одржувањето на нашата конкурентна предност и обезбедување на нашите сојузници и партнери во регионот, рекла Кетрин Серано, портпаролка на 15. ескадрила уништувачи.


„Zumwalt“ е подобар од останатите американски уништувачи

Со должина од 185 метри и депласирање од 16.000 метрички тони, „Zumwalt“ е најголем и технолошки најнапреден површински борбен брод на светот, се наведува во извештајот на морнарицата.

Најголемиот кинески површински брод, уништувачот „Tip 055“, има депласман од околу 12.000 до 13.000 тони. Но, доколку морнарицата на кинеската народноослободителна армија не може да парира на големината на „Zumwalt“, таа секако може да ја добие битката за количина. Американската морнарица има само три бродови во класата „Zumwalt“, додека кинеската морнарица има шест активни типови 055, а се очекуваат и повеќе како дел од опширната програма за бродоградење која довела до тоа кинеската поморска флота да ја надмине американската и да стане најголема на светот.

„USS Zumwalt“ е вооружен со 80 ќелии за вертикално лансирање на ракети, способни да погодат копнени и морски цели, како и противподморнички ракети, но „Tip 055“ има 112 лансирни ќелии способни за истите задачи.

Американската морнарица вели дека „Zumwalt“ може да се пофали со бројни иновации, од кои највпечатлив е неговиот стелт дизајн.

„Дизајнот на трупот кој пробива бранови овозможи широк спектар на напредок. Композитните надградби значајно го намалуваат радарскиот пресек и други карактеристики, што го отежнува откривањето на бродот од страна на непријателот на море“, се наведува во извештајот на морнарицата.


Контроверзна и скапа програма

Класата уништувачи „Zumwalt“ била контроверзна и скапа програма на американската морнарица. Со вклучени трошоци за истражување и развој, трите бродови во класата доаѓаат со цена од околу 8 милијарди долари за секој, според извештајот на Владината служба за одговорност за 2018-та година.

Тој трошок по брод би бил значајно намален доколку морнарицата продолжела со својот првобитен план за изградба на 32 џиновски уништувачи, но тој број бил намален на моменталните три откако службата што одлучила дека на класата „Zumwalt“ ќе и бидат потребни значајни модификации за балистички мисии за противракетна одбрана.

Бродовите исто така бавно влегувале во работа. „Zumwalt“ бил пуштен во употреба во 2016-та година, но на морнарицата и биле потребни четири години да ја прифати конечната испорака од бродоградилиштето „General Dynamics“ откако сите нејзини системи биле проверени.

Шустер, аналитичар од Хаваи, го нарекол потегот на „Zumwalt“ повеќе политички отколку воен, додека морнарицата не го добие тоа хиперсонично оружје.

„Со повеќе од 8 милијарди долари за брод, морнарицата се бори да пронајде мисија за овие моментално лесно вооружени бродови. Сепак, тоа на кинеската морнарица ќе ѝ даде повод за размислување“, заклучил Шустер.



Спонзорирани линкови

Маркетинг