Клоп не ја сфаќа Барселона: Ако немам пари, тогаш не трошам!

Макфакс

15/08/2022

19:43

2.722

Големина на фонт

а а а

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, вели дека не може да разбере како Барселона продолжува да носи нови фудбалери и покрај финансиската несигурност во каталонскиот клуб.

Финансиската криза, што ја погоди Барса за време на пандемијата на коронавирусот го остави клубот во долг од над милијарда евра, но ова лето новиот претседател Жоан Лапорта, наместо кратење на буџетот за играчи, потпиша договори со Роберт Левандовски, Рафиња, Жил Кунде, Франк Кеси и Андреас Кристенсен продавајќи дел од ТВ-правата и придружните компании на клубот за да може да бидат регистрирани. Во моментот само уште Кунде останува нерегистриран за настап во шпанската Ла Лига.

Зборувајќи за германскиот „Кикер“, Клоп вели дека поради разни причини, не може да ја сфати финансиската ситуација на славниот шпански клуб.

„Прво, јас не сум финансиски експерт. Но, од друга страна, ако ми кажете дека немам пари, тогаш нема да трошам повеќе. Во минатото и мојата кредитна картичка беше исечена двапати, за среќа, пред повеќе години. Ја следам ситуацијата како фудбалски навивач и не ги сфаќам. Последните неколку децении во кои гледам фудбал тој клуб бил фантастичен и се надевам дека ќе им успее ова што го прават“, вели Клоп.

Тој ја спореди ситуацијата со таа во неговиот поранешен клуб Борусија Дортмунд.

„Единствен клуб што знам дека во минатото ги продаде правата за стадионот и другите права однапред беше Борусија Дортмунд. Аки Вацке мораше да дојде во последен момент за да ја спаси ситуацијата. Не знам дали во Барселона имаат Аки Вацке“, додава Клоп.

Во 2005 година Дортмунд беше пред банкрот кога долгогодишниот навивач на клубот, Ханс-Јоаким (Аки) Вацке, беше именуван за генерален директор. Со кратење плати, продавање на правото за именување на нивниот стадион „Вестфален“, тој успеа да ги исплати огромните долгови на клубот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг