Германците предвреме стигнаа до целта – но се уште не можат да здивнат

Денар

15/08/2022

18:24

3.902

Големина на фонт

а а а

Германските капацитети за складирање гас достигнаа 75 отсто капацитет две недели пред предвиденото, соопшти државниот регулатор за енергетска мрежа.

Најголемата европска економија се обидува да обезбеди доволно снабдување со гас за зимата поради намалените испораки од Русија.

„Целта на првата фаза е постигната. Складиштата на гас се полни 75,43 отсто, следната цел е 85 отсто пополнетост до 1 октомври“, напиша на Твитер Клаус Милер, претседател на Федералната мрежна агенција, пренесе Блумберг.


Германскиот план предвидува магацините да бидат полни најмалку 75 отсто до 1 септември, а потоа до 1 октомври да се зголеми капацитетот на 85 отсто, а до 1 ноември на 95 отсто.

Испораките на руски гас преку гасоводот Северен тек 1, кој минува под Балтичкото Море до Германија, се намалени за неколку недели на само околу 20 отсто од капацитетот. Руската компанија Газпром како причина за ова ги наведува техничките проблеми, додека германската влада го смета за изговор.


При нормални зимски температури и со намалени залихи на гас, складираниот гас може да се потроши уште во март или април, изјави Себастијан Блешке, генерален директор на германското здружение за складирање гас Инес, пренесе ДПА.

„Доколку Русија целосно го прекине снабдувањето со гас, складираниот гас ќе се потроши уште порано“, додаде тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг