Ако сте големи сладокусци, а сепак водите грижа што јадете, тогаш овој десерт е вистинскиот избор за вас.
Сочен, вкусен и здрав, а еве и како да го подготвите:
- 200 гр. печена тиква
- 120 гр. путер од кикирики
- 60 гр. овесни снегулки
- 2 јајца
- 80 гр. еритрол или кокосов шеќер
- 80 гр. црно чоколадо со 80% какао
- 20 гр. какао во прав
- 1 лажичка цимет
- 1 лажичка екстракт од ванила
- 1/2 лажичка сода бикарбона + неколку капки сок од лимон
За прелив:
- 20 гр. црно чоколадо
- 1 лажица кокосово масло
Печената тиква испасирајте ја со вилушка за да добиете пире. Црното чоколадо исечкајте го на коцки, а овесните снегулки сомелете ги во блендер.
Во чинија за матење ставете го пирето од тиква, путерот од кикирики, јајцата, екстрактот од ванила и еритролот, па изматете ги состојките. Потоа додајте го исечканото чоколадо, какаото во прав и циметот и измешајте. Додајте ги измелените овесни снегулки, па уште еднаш добро промешајте.
На крајот во посебен сад ставете ја сода бикарбоната и прелијте ја со неколку капки лимонов сок за да ја активирате (ќе започне да пени), додајте ја во смесата и промешајте.
Излејте ја смесата во калап со средни димензии - 22х22 центиметри кој претходно ќе го намастите со малку кокосово масло или ќе го обложите со хартија за печење.
Печете во претходно загреана рерна на 180 Целзиусови степени, 30 минути. Кога ќе се испече колачот, извадете го од рерна и оставете да се излади, а потоа прелијте го со истопеното чоколадо со кокосово масло.