Запознајте ја преубавата актерка од серијата „Squid Game“ која за 7 дена стекна огромна популарност, а која претходно веќе го „покорила“ светот на моделингот

Кармин

12/10/2021

14:15

7.162

Големина на фонт

а а а

Од премиерата во септември на мегапопуларната серија „Squid game“ таа стана една од најгледаните серии на „Netflix“ која не е од англиско говорно подрачје.

Деветте епизоди исполнети со крв и брзи заплети ја натераа публиката серијата да ја гледа без здив и ја оставија во неизвесност до самиот крај. На почетокот и актерската екипа била соочена со ефектот на изненадување.

За младата Хо-Јеон Јунг која во серијата го толкува ликот на натпреварувачката со број 067, мистеријата започнала уште пред аудицијата.

„Добив само три кратки дела од сценариото пред аудицијата. Немав многу контекст, морав да ја употребам фантазијата за да ги пополнам празните места“, изјавила таа за „Vogue“.

Толкувањето на сложениот лик каков што е тој во серијата бил предизвик за неа, но сепак „Squid Game“ за Јунг било актерско деби, но не и прва средба со камерите.

Имено, оваа 27-годишна девојка е добро познато лице во светот на модата, а работела за некои од најлуксузните модни брендови.

Кариерата како модел ја започнала во тинејџерските денови, борејќи се за секој свој ангажман и тоа без помош на агенции. Популарноста ѝ донела второ место во корејското шоу „Next Top Model“, а набрзо се нашла на насловната на корејското издание на „Vogue“.

Убавата Јунг вели дека токму моделингот ја натерал да се заљуби во филмската индустрија. Имено, поради тоа што времето го поминувала во патување, таа секој слободен момент го користела да ужива во маратонско гледање филмови. Истакнала дека до интересирање за актерството ја довела желбата за подобро разбирање на останатите луѓе.

„Додека непрекинато бев во авион и престојував во разни хотели, поголемиот дел од денот го поминував гледајќи филмови. Потоа сè почесто размислував за себе и мојата положба во човештвото воопшто. Која сум јас? Што значи да се биде човек? Потребата да одговорам на тие прашања ме доведе до актерството“, објаснила таа за „Vogue“.

Јунг признала дека не мислела дека „Squid Game“ ќе стане таква сензација, но од друга страна разбира зошто е тоа така.

„Оваа серија е приказна за човековата природа со која поголемиот дел од луѓето можеби се идентификуваат, а сепак за сè се комуницира по пат на игри од детството кои лесно можеш да ги следиш“.

Таа истакнала дека вложила многу труд да се подготви за улогата во серијата и дека притоа нашла паралели меѓу резервираната природа на ликот и колебањето кое и самата таа го чувствувала на почеток од кариерата.

„На некој начин нејзиниот живот беше многу сличен на мојот во странство. Во тоа време беше тешко да ги споделиш емоциите и да славиш со семејството кога нешто добро ќе се случи или пак да осмислам што ќе правам доколку се случи нешто лошо. Сè што чувствував живееше само во мојата глава. Затоа можев да ја разберам нејзината осаменост. Мојот омилен аспект во нејзиниот лик е да се жртвува себеси за семејството, а таа енергија ја прави толку моќна, а нејзиниот живот вреден“, раскажала актерката.

Очекувано, нејзината популарност преку ноќ ја направила најследена актерка во Јужна Кореја, па за само една седмица добила 13 милиони следбеници повеќе, а нејзиното име се нашло на врвот на листите на сите режисери на Холивуд, но и модни дизајнери.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk