„Тешко мене со тебе“: Филип Пешевски за Точка открива детали за новата песна со Лила Филиповска

Точка

19/06/2021

20:30

7.585

Големина на фонт

а а а

Пред неколку денови беше промовиран новиот сингл на водителката Лила Филиповска и пејачот Филип Пешевски.

Тешко мене со тебе“ за кратко време ги освои симпатиите на македонската публика, а доказ за тоа се 80-те илјади прегледи за 48 часа на Јутјуб каналот на Роберт Билбилов, каде и е објавена песната.

Овој дует долго време се најавуваше на профилите на социјалните мрежи на Филип и Лила, па откако ја доживеа својата премиера, поразговаравме накратко со Филип за подготовките на „Тешко мене со тебе“ и воопшто за неговата соработка со Лила.

„Ова е голем проект, на него работеа многу луѓе. Подготовките се можеби најтешкиот дел, но за мене и најзабавни. Ако имаш добра подготовка, ќе имаш уште подобра реализација“, вели Пешевски за Точка.

Пејачот открива дека секогаш е забавно кога се снима со Лила и дека постојано има интересни случки позади камерите.

„Еве ќе издвојам една ситуација. Во спотот има една сцена каде што ѝ ја крадат чантата на Лила. Во моментот поминуваше една бабичка и многу се исплаши, бидејќи мислеше дека навистина се случува кражба“, вели низ смеа Филип и додава:

„А, најироничен момент од сè ми е тоа што Енсар, еден од 'лошите момци' од спотот, кој јас го 'тепам', после една недела стана првак во бокс на балканско ниво“.

Пејачот нѝ открива дека со Лила се запознале на неговата промоција на претходната песна, „Без оглед на сè“.

„Зоки Фаци ми правеше интервју во тогашна 1ТВ и Лила беше со него, оттогаш секој ден се дружиме и двајцата ми се вистински пријатели, многу искрени и навистина несебично ми даваат совети за мојата кариера“.

Пешевски ја освоил Лила кога во нејзината емисија ѝ ја отпеал нејзината прва песна „Ти верував докрај“.

„Ја изненадив со тоа што ја знаев нејзината прва песна, па решивме да направиме едно видео кое стана вирално на Инстаграм. После многуте позитивни коментари, си рековме зошто да не направиме наша песна. Веднаш се фатив за работа - јас ја напишав музиката, а Роберт Билбилов го напиша текстот. Кај него во студио настана „Тешко мене со тебе““.

Еве што вели за коментарите на новата песна, а и воопшто на музичките проетки.

„Искрено, во шоубизнисот секогаш ќе има и негативни, па и навредливи коментари, но за оваа песна засега сите се позитивни“, открива Филип.

За крај, Пешевски за Точка вели дека нѝ треба повеќе музика, повеќе забава.

„Ние пејачите снимаме песни и видеа за да ви биде забавно и да пеете. Едноставно опуштете се, еве, се гледа и крајот на пандемијата. Пуштете музика погласно и заборавете на негативата. Слушајте и поддржувајте македонска музика“.

А вие, драги наши читатели, уживајте во нашиот денешен музички предлог - „Тешко мене со тебе“.

Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг