Интервју со Гордана Николовска: Мотивацијата е таа која низ годините ги води тркачите да го дадат најдоброто од себе

Точка

03/06/2021

12:31

189.429

Големина на фонт

а а а

Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје, како дел од организацијата на трката HalkEco Скопје Трча 10КМ, даде свое мислење за тоа колку пандемијата ги промени сите навики кај луѓето, меѓу кои и спортските навики, како низ светот, така и кај нас во нашата држава. Скопје Трча 10КМ, како традиционална трка успева да мотивира голем број на тркачи и љубители на спортот да земат учество и да се натпреваруваат за себе, но за првото место.

Уште од првото успешно издание на Скопје Трча 10КМ трката, се знаеше дека истата ќе прерасне во традиционална трка. Со оглед на тоа што пандемијата предизвикана од КОВИД-19 измени многу работи и тоа што минатата година Скопје Трча 10КМ не се одржа, дали можете да ни кажете со какви предизвици се соочувате сега при организација, поради паузата која ја имавте?

Г: Скопје Трча 10КМ како традиционална трка, низ годините го постојано зголемуваше бројот на учесниците, па може да кажам дека минатата година многу недостасуваше тоа што истата не се одржа. Оваа година, најголем предизвик секако се мерките од Комисијата за заразни болести. Тие секогаш се менуваат и не може да се предвиди однапред што ќе се случува и кои мерки ќе бидат активни. Ние како организатори, мора да ги почитуваме пропишаните мерки, а притоа, обврзани сме и безбедноста да биде на највисоко ниво, за нашите учесници да бидат сигурни и заштитени. Сега кога пандемијата стивнува, се чувствува делумно олеснување, но мерките на претпазливост, ќе си останат.

Со оглед на тоа што секоја година организирате голем број на трки, како во Скопје, така и низ цела Македонија. Можете ли да ги издвоите три главни одлики на трката Скопје Трча 10КМ, по кои се разликува од останатите трки кои ги организирате?

Г: Најпрво, сакам да кажам дека секоја трка си има своја цел и свои придобивки. Скопје Трча 10КМ е градска брза трка, каде учесниците, кои се дел од истата, се во одлична форма. Кај оваа трка нема место за неспремни натпреварувачи кои ќе дојдат да пробат да истрчат и да видат колку кондиција имаат. Втора одлика, секако е релаксацијата во градски парк по завршувањето на трката, каде тркачите имаат можност да се забавуваат и запознаат меѓусебно. Трета одлика е нешто што континуирано се случува на сите претходно одржани трки, од 2017 до сега, секоја година победник во машка категорија е нашиот најдобар атлетичар на долги патеки Дарио Ивановски, а мислам дека и во 2021 повторно ќе биде шампион на HalkEco Скопје Трча 10К.

Според Вас, кои се најголемите придобивки за љубителите на трчањето и за Град Скопје од одржувањето на трката Скопје Трча 10КМ?

Г: Секако, како најголема придобивка е здраво и свесно население. Не секој учесник се стреми да постигне врвен резултат, туку трча за да си ги подобри сопствените перформанси. Тоа укажува на една голема промена на генералната слика за нашето население, со тоа што бројот на активни рекреативци и спортисти секоја трка е се поголем. Придобивките, најпрво одат кон учесниците, па кон општеството, а на крај кон нас организаторите.


Речиси секоја година ги изненадувате љубителите на спортот и трчањето со организирање на нови трки. Дали можете да ни кажете што да очекуваме во иднина? Дали Сојузот на спортови на Град Скопје подготвува некоја нова и досега невидена трка во нашата држава?

Г: Да, во нормални услови секако дека би имало нови и досега невидени трки, но во вакви услови, во време на една светска пандемија, успех ќе биде да ги одржиме веќе предвидените натпревари. Многу натпреварувачи се соочија со вирусот и поради тоа нема да учествуваат на првите натпревари. Најважно ни е сега истите да се вратат здрави и живи, во добра форма и на стартната линија на некоја од скопските трки. Новите предлог настани ќе останат за следните години.

Сите знаеме дека спортот го менува животот на еден човек на подобро, а пандемијата наметна многу нови навики кај луѓето, па голем дел од луѓето кои никогаш не спортувале, сега почнаа да го практикуват тоа. Кое е мотото кое Ве води Вас како личност, но и како организатор, долги години да се трудите и да организирате трки од светски ранг?

Г. Пандемијата успеа да мотивира многу наши сограѓани да согледат што најмногу вреди во животот. А тоа секако е здравјето. Гледаме дека новото нормално наметна нови навики кај луѓето, од кои најчесто се здрави и насочени кон спортот и спортските активнсоти. Активниот начин на живеење си бара и сериозен пристап и здрави навики. Мислам дека сите почнаа да инвестираат во сопственото здравје. Некои од луѓето со суплементи, а некои со практикување на рекреативни активности, пешачење, планинарење, трчање или возење на велосипед. Исхраната и одморот се алките кои го поврзуваат здравјето со рекреацијата. За врвните спортисти, важат истите правила, но секако начинот на тренирање и исхрана е многу различен. Сепак, моето мото низ годините е „Рекреацијата е здравје“.

Трката HalkEco Скопје Трча 10КМ, по една година пауза, оваа година ќе се одржи на 13 јуни.



Спонзорирани линкови

Маркетинг